Двата проекти на Владата на РМ „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“ вчера беа претставени во Кратово, пред граѓаните на општината кои покажаа интерес за проектите за кои им дава можност со субвенции Владата да основаат сопствен дом.
Од страна на стручните лица од подрачната единица на Министерството за финансии – Кратово, Одделението за урбанизам и подрачната единица на Катастар за недвижности беа потенцирани предностите на проектите, моделите на субвенционирање на рата односно учество, можноста за градба не само на општински парцели, туку и на сопствен имот. Беше укажано и дека потребните идејни проекти неопходни за добивање одобрение за градба се достапни бесплатно на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски, со што граѓаните ќе можат да заштедат дополнителни од 1.500 до 2.000 евра.
На локацијата во Кратово, м.в. Цигански лозја за кои постои ДУП одредени се околу 150 градежни парцели на кои може да се изградат предвидените индивидуални типски куќи со површина од 60 до 180 метри квадратни, меѓутоа земјиштето е во приватна сопственост.
Сите млади брачни парови до 35-годишна возраст со интерес да аплицираат во рамки на проектот „Купи куќа за млади“ детални информации можат да добијат во Одделението на Управата за имотно-правни работи во општина Кратово.



















