gogo

A+ R A-


Втора шанса за реализација на идниот спа – центар во Кратово

Е-пошта Печати PDF

Недопрената природа и чистиот воздух, близината на атрактивниот локалитет „Куклица“ препознатлив по уникатните камени фигури и богатството на геотермални води го прават кратовскиот регион идеален за инвестирање во банско – рекреативниот туризам. Неискористеноста на геотермалниот потенцијал би можела да се надмине во наредниот период, доколку се оствари идејата за изградба на огромниот спа – центар во близина на кратовското село Вакув.

Министерството за транспорт и врски го распиша огласот за продажба на 78.107 метри квадратни распределени во седум градежни парцели со различна големина. Планираниот спортско – рекреативен и бански комплекс ќе содржи хотели, објекти за времено сместување, затворен олимписки базен и бројни спортски содржини со вкупна површина од 162.402 метри квадратни.

alt

Урбанистичката документација предвидува во рамките на замислениот комплекс да се изградат три зданија за здравство и социјална заштита, поточно бањи и сместувачки капацитети за посетителите. За оваа намена на огласот се нудат три градежни парцели од 12.976, 12.107 и 9.720 метри квадратни. Во рамки на комплексот би се подигнал и луксузен хотел со приземје и четири ката со вкупна површина од 79.523 метри квадратни. Вредноста на државното земјиште е различно проценета во зависност од намената на зданијата што е предвидено да се градат, започнувајќи од 73 денари од метар квадратен за објектите за времено сместување, 148 денари од метар квадратен за хотелскиот комплекс и 175 денари од метар квадратен за парцелите на кои би се подигнале објектите за спорт и рекреација.

Истите градежни парцели веќе беа огласени за продажба во текот на пролетните месеци, но на електронското јавно наддавање не се појави заинтересиран инвеститор што би го реализирал проектот. Вториот обид за продажба на локациите ќе се одржи на 15 јануари, а компаниите кои сакаат да вложат во овој капацитет треба да се пријават за електронската аукција најдоцна до 8 јануари. Општина Кратово уште од пред неколку месеци ја има подготвено целокупната документација за успешно завршување на комплексот, со што најповолните понудувачи не би се соочиле со проблеми при имплементирањето на проектот. Доколку успешно се спроведе лицитацијата на земјиштето, тогаш тие ќе имаат рок од шест години од денот на добивањето на градежните дозволи да го изградат спортско – рекреативниот и банскиот комплекс кој би го заживеал туризмот во кратовскиот регион.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.