Рудникот „Индо-минерали“ донира 5.000 евра на Кратово
пишува - Оливер Арсовски
Компанијата "Индоминерали и метали" од Пробиштип, која веќе неколку години успешно стопанисува со рудникот Злетово, денес потпиша меморандум за соработка со Општина Кратово. На средбата присуствуваа градоначалникот Мите Андоновски и пратеникот Марјанчо Колевски, како и генералниот менаџер на рудникот во Злетово, индиецот Канаја Лал Моза.
-Намерата на нашата компанија е финансиски да го помогне спортот и културата во три општини од источна Македонија. За таа цел дониравме по 300.000 денари на општините Кратово, Пробиштип и Крива Паланка, пари кои наменски треба да се потрошат за културни и спортски манифестации – рече генералниот менаџер Канаја Лал Моза при потпишувањето на меморандумот.
Градоначалникот Мите Андоновски му подари уметничка слика од детската ликовна колонија "Лазар Софијанов" и порача дека парите ќе бидат вложени за продолжување на оваа манифестација, бидејќи Министерството за култура, првпат по 17 години, не додели пари за нејзино оддржување.
Генералниот менаџер на Индоминерали ги пофали вредните рудари од Кратово, триесеттина на број, и вети дека до крајот на годината ќе вработи уште десеттина.