пишува: Оливер Арсовски
Не сакам да чујам дека некој во нашата општина

Годинава во нашата општина се родија нешто повеќе од 60 бебиња, што е мала бројка споредено со претходните години. Секоја година бројот на новородени континуирано опаѓа во просек за 5 до 10 деца. Последен пат во општината стотина деца се родиле во 2001-та година, а оттогаш бележиме постојан пад. Лани биле евидентирани 78 бебиња, велат податоците од патронажната служба во Здравствениот дом.
Од друга страна, бројката на починати лица во општината е речиси двојно поголема од бројката на новородени. Во последните 5 години просекот на починати лица се движи околу 130, што значи дека по таа основа бројот на жители на Кратово секоја година се намалува за педесеттина лица. Факт е дека Кратово демографски старее, а белата чума зема се поголем замав. Последиците од овој негативен тренд најмногу се чувствуваат во кратовските училишта, каде бројката на ученици константно опаѓа.
Треба ли да потсетам дека децата се наше најголемо богатство, најдобрата инвестиција што може да ја направи еден брачен пар. Изговори од типот дека економскиот момент не бил најпогоден за чување деца не држат. Дека немало работа и светла иднина за децата, не може да бидат силен аргумент. Живеел овој народ и во многу посиромашни времиња, па семејствата биле многудетни и многу посреќни од денешните. Мора да се биде оптимист, да се има светла визија, да се верува дека ова парче земја во кое живееме наскоро ќе излезе од калта и ќе обезбеди светли перспективи за нашите деца. И секако, мислете малку и на себе, ќе дојде староста, сигурно ќе посакате да бидете опкружени од десеттина внуци и правнуци. Мојата препорака до вас гласи: Водете ЉУБОВ, а во миговите на најголемо сладострастие, не дозволувајте разумот да ви го скрати задоволството да создадете НОВ ЖИВОТ.