gogo

A+ R A-


НОВОГОДИШНА ПРИКАЗНА ЗА (ИЗГУБЕНАТА) СРЕЌА

пишува – Оливер Арсовски
altВо очи секоја Нова година се заколнуваме дека ќе свртиме нов лист.

Се зарекуваме дека ќе ги оставиме цигарите и алкохолот и дека ќе ја исфрлиме фразата „што пие кафана?“

Од 1 јануари ќе ги раскинеме сите тајни врски, ќе се посветиме максимално на семејството и мирниот живот. Редовно наутро ќе вежбаме гимнастика покрај отворен пенџер, ќе си ветиме дека ќе ослабиме најмалку 10 кг и ќе заличиме на матурските фотки... ако треба и вегетаријанци ќе станеме.

Да, ќе ги вратиме и сите долгови што ги имаме, ќе почнеме конечно со курсот за англиски јазик, ќе почнеме да ги читаме книгите кои ги купивме скапо, а фаќаат прав. Ветуваме, нема веќе попладневни дремки, ниту останување до рани зори по кафеани.
Да, нема да заборавиме да си ги поправиме и расипаните заби.
Нема да кажуваме политички вицови и да правиме будали од себе, нема да се вртиме по туѓи жени на улица и нема веќе да оговараме никого.

Во очи Нова година правиме резиме на нашите животи и го поставуваме вечното прашање за СРЕЌАТА! Дали сме посреќни сега кога се вселивме конечно во новиот стан? Дали сме посреќни сега кога се тушираме секој ден, за разлика од порано кога се бањавме само во недела? Дали сме посреќни сега кога во фрижидерот имаме три вида салама, свински врат и кулен, или некогаш кога немавме фрижидер, туку свинска сушеница во подтаванскиот простор? Денес весниците се полни со разголени убавици, но дали тоа не возбудува повеќе од раскопчаното деколте на нашата некогашна соседка при мешањето ајвар?

 

Дали сме посреќни денес кога преку купот вчерашни подгреани сарми се „ѕвериме“ во тв-приемниците и го гледаме новогодишниот концерт од Виенската опера, од времето кога во раните утрински часови на 1 јануари „лутавме“ по улиците и се гушкавме и љубевме со познати и непознати ликови.

Од 1 јануари вртиме, дефинитивно вртиме нов лист!!!

СРЕЌНА НОВА 2012 ГОДИНА!!!






Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.