Оливер Арсовски - Кратово
Оваа приказна своите корени ги има пред 5 години, кога еден убав пролетен сончев ден во мојот кабинет осамна „еднометарскиот“ портрет на големиот антички филозоф и етичар Сократ. Изненадувањето ми го приреди тогашниот матурант Емран Мустафов, кој покрај афинитетите кон филозофијата, ни ги откри неочекувано и неговите скриени уметнички потенцијали.
Пет години подоцна, стоев пред портретот на Сократ во мојот кабинет и на шега се обратив кон дваесеттина ученици од IV-3, со прашање „има ли јунак кој ќе ме наслика мене“. Минаа десеттина денови, јунак очигледно не се најде, но приказната за желбата на професорот се раширила бргу меѓу учениците од кратовската гимназија. Пред неколку дена, движејќи се во холот на гимназијата, ме запре непознат лик, девојче со срамежлив поглед и блага насмевка. Од прва, без многу размислување, ми рече: „Вие ли сте професорот што сакал да биде насликан неговиот портрет?“. Да бидам искрен, во прв момент се збунив, воопшто не се ни сетив дека пред извесно време посакав на шега такво нешто. Набргу се созедов и прашав, а која си ти? Адријана Спасовска, одговори гордо, ученичка од прва година. Разбрав, ми вели, од моите другари матуранти за вашата желба, се послужив со ваша фотка од „фејсбук“ и создадов ликовен портрет.
Во тој миг ме преплавија позитивни чувства, бев пријатно изненаден од гестот на Адријана, а во истовреме почувствував голема љубопитност да го видам уметничкиот продукт. Еве, токму во овој момент објавувам дека мојата „маленкост“ благодарение на трудот и енергијата на Адријана, срамежливо стои закачена на ѕидот покрај портретот на „величествениот“ филозоф Сократ.
Оваа колумна ја посветувам на Адријана и сличните на неа кои заслужуваат највисока етичка оценка и почит. Впрочем, големата етичарка и хуманистка, Мајка Тереза, во една прилика кажала дека „НИЕ НЕ МОЖЕМЕ ДА ПРАВИМЕ ГОЛЕМИ ДЕЛА, НО МАЛИТЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ПРАВИМЕ СО ГОЛЕМА ЉУБОВ“.