Ферид Мухиќ, големиот мајстор на филозофијата, во прекрасното четиво „Штит од злато“ запишал: „На езерото кое се наоѓа таму каде тоа никој не го знае, а во чие постоење не се сомнева ниту еден жив човек, кога некој ќе се роди се собираат онолку лебеди колку новородениот ќе поживее. Тоа јато понатаму се одржува, опстанува... Еднаш годишно се пребројува јатото: еден лебед се одвојува, незабележливо. Кога јатото за момент ќе го заборави, тој ги раширува крилјата и се вивнува во бесконечноста од модрата далечина. Езерото сведочи дека го помни со бистриот жубор преку белиот песок“.
Мајсторот на зборот, мојот ценет професор, сакал да укаже дека секоја Нова година по еден лебед го напушта јатото. Со секоја Нова година јатото станува се помало, се тенчи, станува вознемирувачки мало. Затоа имаме право да славиме. Во таа новогодишна бајка за миг да се оддалечиме од професионалните успеси и неуспеси, од трката по богатство и моќ, желбата да бидеме најдобри, потребата во секоја ситуација да бидеме победници. Се потсетуваме на она што одамна исчезнало од нашите животи - фактот дека на овој свет сме дојдени за да се дружиме, создаваме и споделуваме!
Одново откривајќи ја хуманата димензија на нашето постоење, стануваме свесни за бесмислената трка по успех и престиж, во која агресивно газиме се пред себе, само за да ги оствариме своите мегаломански амбиции и цели. И колку што сме поуспешни, толку сме поосамени! А животот, сепак, не е создаден за да бидеме сами. Напротив, она што е најдобро во нас: праведноста, добрината и љубовта, треба да го споделиме, да го трошиме.
Задоволството од животот е во малите нешта. Треба да заборавиме на сопственото его, сопствената нарцисоидност и суетност. Потребно е да се обидеме да ги погледнеме другите околу себе, со истиот оној поглед со кој се перципираме самите; да ги доживееме нивните тегоби и проблеми како свои; да се отвориме кон светот, прикажувајќи се во вистинска светлина, со сите свои мани и доблести. Хармоничноста е во едноставноста, во потребата да бидеме она што сме, во стремежот да го оствариме она за што сме создадени. Независно дали сме богати или сиромашни, моќни и славни или сме само обични граѓани, доколку сме нереализирани, ние сме несреќни.
Во секој случај, нека ни е среќна и бериќетна годината што дојде! А лебедите ќе одлетуваат, тоа не може да се спречи. Притоа, да се надеваме дека езерото нема да замолкне со својот бистар жубор, односно дека и натаму ќе остане, траен, сведок на нашето постоење.
На сите нас не ни е потребен „штит од злато“, туку „штит од злото“. СРЕЌНА НОВА 2022