Беше 16.20 часот. Само што ја изгледав трогателната и трагична приказна на „Сител“ за опожареното семејство Додеви од Приковци, заѕвони мојот мобилен телефон. Непознат број. Слушнав вознемирен глас на повозрасна жена. Се претстави како Цветанка Ивановска од Скопје. Трогната од жалната судбина на семејството Додеви, мајчински загрижена за трите мали дечиња Михаела, Дарио и Николчо, посака да му помогне на несреќното семејство. Понуди „клик-клак“ лежај и две фотелји за да има каде дечињата да преспијат во деновите кои ќе им донесат многу неизвесност. Ме замоли да побарам добри луѓе кои ќе сакаат бесплатно да им го однесат подарокот.
Драги мои, светот ќе постои се додека има вакви хумани луѓе кои покажуваат дека во основата на човечкото живеење мора да биде љубовта. Сега е моментот кога сите ние треба да ја покажеме нашата солидарност, нашето човекољубие, нашата емпатија, затоа што туѓата болка е и наша болка. Споделената тага значи помала тага. Во овој миг на семејството од Приковци им недостига се. И куќа, и покуќнина, и облека, и храна. А најмногу од се пријателска прегратка, испружена рака. Во овој момент секој може да обезбеди парче облека, зачувани чевлички, литар-два детергент, стари неоштетени керамиди...
Успех е да го кренеме оној кој е „паднат“, за да стои до нас и да се почувствува среќен. Секое лошо искуство може да е само подготовка за некое следно убаво доживување. Лошите нешта што се случуваат, не се случуваат за да не скршат, туку за да не направат помудри, подобри, почовечни.
Време е да ја вратиме насмевката на лицата на Михаела, Дарио и Николчо.
П.С. Кога ќе тргне бранот „човечка добрина“, ништо не може да го запре. Во меѓувреме, ми се јавија десеттина ученици од кратовските училишта, побараа да донесат помош во понеделник во школо, невладините организации ќе собираат облека и мебел. А да, ќе заборавев за малку, утре (недела) доаѓа и министерот за труд и социјална политика, г-дин Диме Спасов, да се сретне со членовите на семејството, да донесе помош. Се јавија и од Црвениот крст, нема да изостане помошта и од нив...