Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Крива Паланка денеска додели 100 пакети со запленета царинска стока на 100 семејства со социјален ризик од кривопаланечко и Ранковце. Стоката запленета на граничните премини во Република Македонија со одлука на Владата на РМ се донира на социјално ранливите категории граѓани, а повеќе од 70 илјади парчиња разновидна стока, текстил, обувки, прибор и опрема за домаќинство веќе се распределени низ центрите за социјални работи во земјава.
Директорот на МЦСР од Крива Паланка, Олгица Ристовска, информираше дека по поднесените барања од страна на семејствата, стручни тимови од Меѓуопштинскиот центар ги посетиле и извршиле увид, направени се записници со идентификациските податоци, бројот на членови во семејствата и неоподните информации за правилна распределба на потребната стока.
- Иако донациите не можат значително да го променат моментниот статус на семејствата корисници на помош, сепак ова е форма на ублажување на состојбата, истакна Ристовска.
Акцијата за донирање запленета фалсификувана стока се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика, Царинската управа и Агенцијата за управување со одземен имот, по направените измени на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост. Заклучно со 10 јануари 2014 година се очекува околу 10.000 семејства од Македонија да добијат пакети со запленета стока.