Околу 7.000 парчиња пивтии се приготвени за манифестацијата „Пивтијада“ која локалната самоуправа на општина Крива Паланка традиционално ја организира на големиот христијански празник Богојавление-Водици.
- Манифестацијата ја организираме во духот на традицијата, на еден од најубавите и големи христијански празници , Водици, кога голем број верници по одењето во црква излегуваат на градскиот плоштад. Првите неколку години „Пивтијадата“ имаше натпреварувачки карактер, додека иминатите неколку манифестаци пивтиите ги приготвуваат учениците од угостителската паралелка при Средото општинско училиште „Ѓорче Петров“ од нашиот град. Годинава се приготвени околу 7.000 парчиња пивтии, со што секој граѓанин ќе може да вкуси, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Професорот Дане Петровски под чие менторство учениците ги приготвуваат пивтиите во кујната на Општинскиот ученички дом „Боро Менков“, рече дека освен што се дел од големата манифестација, идните угостители се обучуваат да приготват пивтии според народниот рецепт.
- Пивтиите ги приготвуваме три дена бидејќи станува збор за голема количина. Приготвивме 95 големи порции, над 7.000 парчиња, а учениците имаа можност да научат како се приготвува оригиналниот традиционален специјалитет пивтија, рече Петровски.
Годинашната манифестација „Пивтијада“ ќе започне веднаш по одбележувањето на Богојавленскиот водосвет, фрлање на крстот во водите на Крива Река.