Ѕвезди на вечерта на петтото, јубилејно издание на кривопаланечкиот рок-фестивал „Џојфест“, кој ќе се одржи в сабота на градскиот плоштад „Карпошово востание“, ќе бидат „Ареа“ и „Ван Гог“, најавија организаторите.
- Годинава одлучивме македонскиот легендарен рок-состав „Ареа“ и бендот „Ван Гог“ од соседна Србија да бидат главни ѕвезди. Ќе настапат и кривопаланечките бендови „Машина“ и „Стоп“, кои повторно се собраа по повод петгодишнината на фестивалот, а за продолжување на забавата до раните утрински часови ќе биде задолжен светски реномираниот диџеј Гоце - најави уметничкиот директор на фестивалот, Александар Михајловски.
На „Џојфест“ доаѓа публика и од соседните земји, Бугарија и Србија, а се организира под покровителство на општината Крива Паланка. Годинава е дел од манифестацијата „Топол културен бран“, поддржана од Министерството за култура.
- Фестивалот ќе има хуманитарен карактер. Во координација со општинската организација на Црвениот крст ќе организираме собирни пунктови за собирање прилог за настраданите во поплавите од скопскиот регион, бидејќи и Крива Паланка загуби два човечки живота - нагласи Алексовски.
Драган Величковски, директор на Градскиот музеј и член на организацискиот одбор, рече дека промотивната кампања на „Џојфест“ се организира од почетокот на минатиот месец со голема поддршка од „Акцент медиа“ и „Полијестердеј“.
Промотивни плакати се дистрибуирани во источниот регион: Штип, Кочани, Пробиштип и Свети Николе, во североисточниот, како и во соседна Бугарија, во ќустендилскиот регион. Во сите региони е направена промоција во соработка со туристички агенции и институции од областа на културата. На 27 август во Градската уметничка галерија ќе биде отворена и изложба на фотографии од Ѓорги Костовски со наслов „Ретроспектива - пет години Џојфест“.
- Изложбата од нашиот реномиран фотограф ќе ги содржи најубавите и највпечатливи моменти од петте фестивалски изданија, како и плакати од сите пет години, изработени и дизајнирани од Наум Михајловски - додаде Величковски.