Министерството за економија го подготвува новиот јавен оглас кој треба да биде објавен на почетокот на идната недела, за да може граѓаните кои се заинтересирани да штедат струја да аплицираат за државна помош со која ќе можат да покријат дел од трошоците за да инсталираат во своите домови сончеви колектори.
Државна помош како субвенција досега искористиле повеќе од 2.500 граѓани и нивното искуство покажало дека на годишно ниво тие можат да заштедат по 2.500 киловат-часа електрична енергија, односно во зависност од цената на струјата и од потрошувачката тоа чини над 13.000 денари.
Токму затоа, бидејќи заштедите се големи како што велат од ресорното министерство секоја година интересот за субвенции е се поголем. За таа цел за годинава од буџетот за оваа намена се обезбедени околу 6 милиони денари. Според нив огласот ќе биде објавен на 27 јануари и ќе трае до 31 мај годинава.
-Потоа специјална комисијата ќе биде задолжена да ги провери апликациите и да подготви листа на кандидати што можат да ја добијат потребната субвенција, која значително ќе им ја олени инвестицијата - објаснуваат од министерството и додаваат дека уште пред да биде објавен огласот, кој е седми по ред годинава, граѓаните прашувале кога ќе стартува, бидејќи искуството покажало дека со помош на сончевата енергија во секое време се обезбедува топла вода во домовите, но истовремено се штедат и пари со што се помага семејниот буџет.
Лани во јуни државата по пат на јавно извлекување и по случаен избор им даде субвенции на 606 граѓани, а пријавени за субвенции биле околу 2.000 лица. Државната помош е во износ од околу 30% од трошоците за инсталација на овој вид обновлива енергија.
Министерството за економија почнувајќи од 2007 година секоја година одвојува средства од буџетот за оваа намена.
Според статистиката, повеќе од 60.000 македонски семејства во своите домови имаат вградено сончеви колектори, бидејќи во земјава на годишно ниво има доволно сончеви часови што можат да се искористат за корисна енергија во домаќинствата.
Сонцето се користи за затоплување на санитарната вода, затоплување на цевките за радијаторите, а некои дури и водата во базените ја топлат со колекторите.
Како што анализира статистиката на годишно ниво со сите изградени колектори се штедат повеќе од 150.000 киловат-часови струја, а тоа во пари е околу 5,5 милијарди денари.
Во Министерството за економија годинава ќе бидат реализирани и други енергетски проекти, неопходни да се спроведува енергетската политика на Владата. За таа цел обезбедени се 10,8 милиони евра, пари кои ќе бидат наменети за сите неопходни проекти што се дел од ова министерство.