gogo

A+ R A-


ФРАПАНТНО Дури 215.000 осигуреници не избрале матичен лекар, секоја втора жена без матичен гинеколог

alt

Тоа што секој десетти се уште не избрал матичен лекар зборува за неодговорноста на граѓаните кон сопственото здравје и за отсуството на практиката за превентивни прегледи, кои би помогнале во спречување на појавата на потешки заболувања, предупредуваат лекарите

Без матичен лекар се 215.000 осигуреници, што е повеќе од петтина од вкупниот број граѓани што имаат сини картони. Последниов период здравствената статистика евидентира граѓани што се чувствувале здрави, со години не отишле ни на рутинска медицинска проверка, не избрале матичен лекар и - ненадејно починале од срцев или мозочен удар.

Причините за ваквиот однос кон сопственото здравје се различни. Многу граѓани, иако имаат осигурување, бараат чаре во приватните болници, зашто им е преку глава од чекање ред за преглед, снимање или операција. Некои граѓани, особено тие на возраст од 40 до 50 години, мислат дека се во добра здравствена состојба, па нема потреба да одат на лекар, иако тоа е, според лекарите, најризичниот животен период кога мора да се прават превентивни прегледи. А некои сметаат дека им е доволно еднаш во една и пол година да се појават на систематски преглед, па во меѓувреме не мерат ниту крвен притисок ниту прават контрола на здравјето.

Секој да избере лекар

Во Фондот за здравство потврдуваат дека од вкупно 1.747.766 граѓани со активно здравствено осигурување, 215.000 немаат избрано општ лекар, а половина од жените нема избрано гинеколог. Изборот на лекар е бесплатен и овозможува користење здравствени услуги на товар на Фондот на сите нивоа и подигање лекови од позитивната листа, ортопедски помагала, но и боледувања и упати.

- Апелираме секој што не избрал матичен лекар да избере што поскоро. Здравствениот буџет го формираме според бројот на осигурениците, а изборот на матичен лекар е право, но и обврска, која ако не е спроведена, може да направи и штета - пред с`, за здравјето на осигуреникот. Фондот се залага за што поголема распространетост на матичните лекари, кои се најважната алка во системот. Во некои земји ако не се извршат превентивните прегледи, осигурениците може и да го изгубат правото на осигурување или премијата што ја плаќаат двојно да им се зголеми во наредната година - велат од Фондот.

Што може матичниот

Прегледите кај матичните лекари се бесплатни за секој осигуреник, а тие задолжително треба да ги спроведуваат превентивните активности, договорени со Фондот за здравство:

- Често пациентите што немаат патолошка состојба, едноставно, не одат на лекар. С` уште имаме пациентки кај кои се открива рак на грлото на матката во 4 стадиум или пациенти што во овие 20 години не провериле крвна слика! Тоа е фрапантно! Обврзани сме на рано откривање рак на дојка кај пациентки постари од 18 години бидејќи границата кај сите малигни болести е спуштена. Сега има и активности за откривање рак на дебело црево - секој граѓанин постар од 50 години, кој е сомнителен на болеста, го преупатуваме на тест за скриено крвавење. Поентата е секој матичен лекар да има доволно време да земе анамнеза од пациентот за навреме да се откријат барем дел од болестите, а тоа некогаш недостига, зашто кај нас е вистинско „стампедо“ - често прегледуваме и по 80 лица во две смени, па тогаш нема време ниту да ги прашаме како се - вели д-р Лили Чолакова- Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари и матичен лекар на 1.800 велешани.

Мажите постари од 45 години можат да направат и крвен тест со кој се открива рак на простата.

- Важно кај мажите е да го проверат ПСА-тумор маркерот, па сите над 45 години задолжително ги праќаме на уролог за овој тест. Kај деца откриваме анемии, но и дебелина, зашто с` повеќе се консумира брза а нездрава храна, благодарение на темпото на живеење и лошите навики. И за превенција на дебелината има програма што ја спроведуваме, како и за откривање астма - појаснува д-р Дервишова.

Умираат на 50 години

Еден од најважните прегледи, кој треба да го направат и мажите и жените, е тој за рано откривање на кардиоваскуларните заболувања, од кои умираат над 11.000 жители годишно.

За скопјанец, кој неодамна почина на 45-годишна возраст, пријателите раскажуваат „никогаш не одеше на лекар, изгледаше сосема здрав - ниту глава не го заболуваше. Единствено, пушеше по една кутија цигари на ден.

- Задолжително ЕKГ еднаш на четири години бесплатно им правиме на постарите од 25 години како превенција. Темпото на живеење сега е поинакво, па почесто откриваме срцеви аритмии, исхемија на крвните садови, како и хипертрофија на левата или десната срцева комора. Често имаме пациенти што не го чувствуваат високиот крвен притисок и тие најчесто добиваат мозочни удари. Токму меѓу нив имаме пациенти што со години не се дојдени на основни прегледи, а ненадејно умираат на помлада возраст! - вели д-р Дервишова.

Лекарите апелираат граѓаните што не избрале матичен да изберат што поскоро и да се подигне свеста за превентивни прегледи.

- Последиците за здравјето не се создаваат за ден-два, туку за тоа требаат неколку години. Превенцијата и раното откривање, особено на срцевите и на малигните заболувања, мора да се задолжителни, а Министерството за здравство да се погрижи за секој што нема да се јави на превентивен преглед да има и казни - предлага д-р Дервишова.

www.dnevnik.com.mk

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.