gogo

A+ R A-


Гимназијалци од Крива Паланка и Ќустендил учеа веб-програмирање и нудење услуги на нет

Основна цел на проектите финансирани од ИПА-фондовите за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија е кохезијата, зближувањето на луѓето од двете страни на границата, преку развивање соработка, меѓусебно почитување, учење на културните сличности и разлики и нивно прифаќање

 
alt
 
 
  

Успешно реализиран проект финансиран од ИПА-фондовите за прекугранична соработка

На бизнис-конференцијата што се одржа во понеделникот во Градскиот музеј во Крива Паланка средношколците од СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка и професионалната гимназија за економија и менаџмент „Јордан Захариев“ од Ќустендил ги презентираа изработените веб-страници, кои се дел од проектот за е-услуги, знаење за социјално зближување пред претставниците на бизнис-секторот од Крива Паланка. На бизнис-конференцијата беа претставени можностите за соработка помеѓу претставниците на бизнис-секторот и образовните институции од пограничниот регион на полето на информатичко-комуникациските технологии за веб-програмирање и нудење е-услуги на пазарот на трудот.

- Oсновна цел на проектите финансирани од ИПА-фондовите за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија е кохезијата, зближувањето на луѓето од двете страни на границата, преку развивање соработка, меѓусебно почитување, учење на културните сличности и разлики и нивно прифаќање. И нашиот проект за е-услуги, знаење за социјално зближување го имаше за цел токму тоа, соработка помеѓу наставниците и учениците од двете страни на границата преку заедничко вложување на полето на ИКТ како јазик на 21 век - ни изјави Виолета Станковска-Станојковска, координаторка на проектот од македонска страна.

Станковска-Станојковска рече дека во текот на четирите сесии од обуката учениците ги совладаа основите на веб-програмирањето и нудењето услуги на пазарот на трудот, а денешните презентации, додаде, го прикажуваат резултатот од нивниот труд.

- Учениците работеа во тимови од по шест ученици, по три ученици од секоја држава и сработија пет едноставни веб-страници што нудат е-услуги од областа на туризмот, текстилната, угостителската дејност, како и модната индустрија - вели проект-координаторката.

Изработен е и каталог со веб-страниците, кој го подготви Здружението на земјоделците и претприемачите за Европа, партнер во проектот, и ги содржи основните податоци за изработките на учениците.
Изработените страници се „Осогово турс“, „Туристичка агенција“, „Национална кујна“, „БМК-чевли за сите“ и „Мода за сите“, во кои преку заеднички македонско-бугарски фирми учениците нудат е-услуги од наведените области.

- Иако ова се само основни чекори во програмирањето, кои бараат сериозна надградба и учење, сепак се надевам дека кај претставниците од бизнис-секторот предизвикаа размислување за можностите што ги нудат е-услугите - нагласи Станковска-Станојковска.

Младите луѓе од двете држави со оваа бизнис-конференција покажаа дека информатичката технологија е јазик на 21 век што тие добро го разбираат и кој нуди можности за спој на младоста и бизнисот.

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=72315847526&;id=9&prilog=0&setIzdanie=23524

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.