gogo

A+ R A-


Градски музеј Крива Паланка - успешна приказна која трае 15 години

alt

Со свеченост на која беа доделени признанија, плакети и благодарници на бројните соработници, Локалната установа Градски музеј Крива Паланка прослави 15-годишнина од основањето. На свеченоста беше истакнато дека е остварена иницијалната каписла за понатамошна надградба и развој на оваа установа со донесената храбра одлука во 2006 година од страна на општината за формирање општ музеј кој ќе ги обединува археологијата, етнологијата, историјата и историјата на уметноста и сите нив да ги презентира низ музејските збирки и постојаните поставки.

-Музејот на Крива Паланка е единствена локална музејска установа во државата, заедно со Музејот „Теракота“ од Виница. Тоа значи дека бевме соочени со бројни предизвици сите овие години и упорно настојување за реформи во системот за да го добијат локалните музеи местото што го заслужуваат. По 15 години задоволни сме од сѐ што имаме направено за зачувување на културното наследство и развојот на културата, истакна Драган Величковски, директор на музејот.

Кривопаланечкиот музеј денес е современа институција, со изградени капацитети препознатливи во регионот и државата. Во неговиот развој се вградени многу соработници и поддржувачи од кои голем дел придонеле за развој на установата на волонтерска основа.

Многу години музејот имаше само еден вработен, односно само директорот, но благодарение на неговата посветеност и ентузијазам успеа да изгради тим и институција на која признание и оддаваат многу поголеми регионални и национални установи.

-Кога се работи со љубов и со желба да се остави зад себе дело, вредно за граѓаните и институциите, тогаш доаѓаат и успесите и резултатите. Горди сме што успеавме да создадеме мрежа на соработници со кои заедно работиме на унапредување на музејската дејност во локалните заедници, потенцираше Величковски.

На свеченоста, Градскиот музеј им врачи плакети и признанија за заслуги на бројните поддржувачи и соработници од општината и државата, како и на соработниците од соседна Бугарија.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.