gogo

A+ R A-


Ич да не се итаме за пругата, од Ѓуешево до Софија се патува 6 часа

http://www.corvallisadvocate.com/wp-content/uploads/2013/09/train.jpgГергана Петрова, која ја затекнавме како сама седи и работи во големата зграда на железничката станица во Ѓуешево, првото бугарско село по преминувањето на границата, не можеше да ја скрие насмевката кога ја запрашавме: „Kога доаѓа возот од Скопје?“.

- А, за тоа ќе почекате, но не знам до кога - ни одговори шеговито, давајќи ни до знаење дека ни го разбрала прашањето што во ова село, инаку со години синоним и точка на планираното железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, веднаш побудува насмевки и недоверба.

Kога во минатиот вторник бевме во Ѓуешево, Петрова не испратила ниту еден воз од станицата, која има неколку колосеци, кои најчесто се користат како „паркинг“ за товарни вагони. Единствениот воз што оттука сообраќа доаѓа само трипати неделно: во среда, во сабота и во недела. Него најчесто го користат селаните од околните села, кои немаат друг начин да ги поминат дваесетината километри до Ќустендил и да си завршат некоја работа. Да не се тие, од Ѓуешево не би имало кој да тргне оти во селото, кое некогаш имало и повеќе од петстотини жители, сега има само околу двесте. А и тие се веќе во поодминати години. Малкутемина помлади се возат со автомобилите. Затоа и нема да ве изненади кога ќе ви кажат дека во големата и веќе разурната зграда на селското училиште не учи ниту едно дете. Голема е и зградата на самата железничка станица правена со очигледна цел да биде за потребите на двете земји. Новата зграда на бугарската царина с` уште стои празна и со видливи последици од неодржувањето.

- Станицата беше ремонтирана пред десетина години, а сега ќе треба, кога еден ден тука ќе стаса пругата. И не само станицата, туку и шините - ни кажува Петрова, на која во меѓувреме ~ објаснивме дека од македонската страна по десетгодишната пауза пругата кон Бугарија пак почнала да се гради. „Тоа е добра вест, но и тука ќе треба да се направи нешто. Знам дека има проект за сосема нова пруга, која оттука треба да води с` до Радомир, долга седумдесетина километри. Не знам кога таа ќе биде направена, а оваа постојната е веќе дотраена, стара е повеќе од сто години, на неа мора да се вози бавно“, ни вели таа додека ни го покажува местото каде што завршува бугарската делница и каде што треба да се спојат шините што ќе доаѓаат од Македонија.

Грмушки, плевел, густа трева, изгниени дрвени штици, за’рѓани шини... слики што се идентични на сите заборавени железнички колосеци во светот, стојат во подножјето на ридот Деве Баир, низ кој треба да биде пробиен тунел за да се спојат македонскиот и бугарскиот колосек. Бугарите веќе пробиле половина од тунелот, но и тоа е веќе запустено. Запустен и оставен е некогашниот рудник на олово и на цинк поставен веднаш до шините преку кои, сигурно, требало да заминуваат товарни вагони со рудата. Поради сето тоа, првиот впечаток од нашата обиколка на железничката траса во Бугарија со која за неколку години треба да се спои пругата што почна да ја завршува Македонија, почнува со прашањето - дали бугарскиот дел од пругата воопшто ќе може да послужи да биде функционална пруга по која без проблем ќе патуваат патнички и товарни возови.

Познато е дека пред неколку дена, по десетгодишната пауза во земјава повторно стартува проектот за железничко поврзување на Македонија и Бугарија. Првата фаза на реконструкцијата ќе го опфати делот од Kуманово до Белјаковце и ќе чини околу 50 милиони евра. Оваа железничка делница е долга 30,8 километри и е прва од трите што ќе се градат како дел од меѓународниот железнички Kоридор 8. Потоа пругата ќе продолжува кон Kрива Паланка, па кон Деве Баир и кон Бугарија.

Три часа за 25 километри
- Од Ѓуешево до Ќустендил се патува цели три часа, а има само 25 километри. Возот не смее да оди побрзо оти шините не се добри. Ќе испадне од нив ако оди побрзо од 20 километри на час. Тоа не може да се подобри освен ако не се направи нова пруга или ако тука не се сменат шините. Се надевам дека сето тоа ќе се направи бидејќи тоа може да му донесе добро на селото. Вака, тоа згаснува. Н` има с` помалку. Јас се вратив да живеам тука оти имам болни родители и морам да се грижам за нив. Веќе со години се зборува дека ќе се направи пругата, тие што тоа го слушаа како помлади, сега се веќе пензионери - ни вели Валери Топчиски, кого го сретнавме во селската продавница додека пиеше кафе со неколкумина свои соселани. За себе ни рече дека е вработен во бугарската армија, а порано живеел во Ќустендил, од каде што се вратил во родното село.

Неколкумина други соселани со носталгија се сеќаваат на минатото, кога во селото се живеело подобро.

- Работеа три рудници за олово и цинк, имаше и фабрика за каучук. Сега ништо не работи и луѓето си заминаа, кој кон Софија, кој кон Италија, Грција, Франција. Ние сме с` уште тука и се сеќаваме како порано имаше многу луѓе - вели Бисер Георгиев, жител на селото, кој живее над пругата во близина на рудникот.

http://www.crnobelo.com/images/stories/2013/09/patuvajte-niz-evropa-so-voz-i-uzivajte-vo-iskustvoto-01.jpgПо тричасовното возење од Ѓуешево, ќустендилската станица е првото стојалиште на кое се фаќаат возовите кон Софија, а оттаму натаму кон светот. И во овој град впечатокот е како времето да застанало. Нема нови градби, а старите згради подигнати во времето на социјализмот с` повеќе пропаѓаат. И тука имате чувство дека луѓето повеќе заминуваат од овој град отколку што доаѓаат. Тоа ни се потврди и нешто подоцна, кога се качивме на првиот утрински воз, кој во 7 часот и 10 минути тргнува кон Софија од убаво уредена и чиста железничка станица. На перонот патниците влегуваа во убав и модерен воз, произведен по европски стандарди, кој гарантира пријатно и удобно тричасовно патување до Софија. Возови има често, речиси на секои два часа. За парадоксот дека за стотина километри на релација од Ќустендил до Софија на ваков дизел-воз, кој развива брзина до 120 километри на час, му се потребни и повеќе од три часа, има објаснување. И на оваа делница пругата е стара повеќе од сто години, зашто е дотраена и повремените реконструкции не можат да ја направат посигурна и побрза.

- На повеќе од половина од делницата, с` до градот Радомир, не може да се вози побрзо од 40 километри на час. На тоа особено внимавам, бидејќи пругата и теренот се такви што е опасно да возите побрзо. Порано беше дозволено да возиме по 60 километри на час, но сега ни намалија на 40. По Радомир, може да се вози и со брзина од 90 километри на час, а оттаму и пругата е електрифицирана. Ако оваа пруга стане меѓународна со поврзувањето со Скопје, ќе треба или да се реконструира темелно или да се гради нова. И колегите што заминаа во пензија велеа дека ќе се направи тоа спојување, па уште не биднало - ни вели машиновозачот Радослав Јанков додека управува со возот стар околу осум години, само со неколку рачки.

Старата пруга и планинскиот терен не дозволуваат модерен воз да оди побрзо по колосекот што има стандардна широчина од 1.435 милиметри, а поради тоа по оваа делница не одат товарни возови.

Впечатокот е дека на бугарската страна модернизацијата на делницата од Софија кон Ѓуешево и македонската граница одамна не ~ е приоритет. Пругите кон Турција дозволувале возовите да се движат и со брзина од 160 километри на час. Постои проект за изградба на нова делница, со која би се заобиколил овој најбавен дел и кој подразбира изградба на нова пруга преку Kоњовска Планина, но тој с` уште чека во фиоки. Најверојатно, парите за него и почетокот на работите ќе стартуваат кога од македонската страна ќе биде завршена пругата до Деве Баир на бугарската граница.

Најмногу се бараат билети во еден правец

Бавното возење најмногу им пречеше и патниците што тоа утро се качија во возот, чиј возен билет до Софија во еден правец чини околу 250 денари. За повратниот, пак, се плаќа нешто помалку од 450 денари. Пензионери и ученици имаат голем попуст, од речиси 50 проценти од цената.

- Многу е до Софија да се патува три-четири часа. Одамна требаше да се направи новата пруга. Вака, бавни ни се возовите. Инаку, возот е навистина убав и чист. Јас се враќам од Ќустендил, бев на бања една недела. Требаше да останам две за да имам некакво подобрување за болките во коските но малата пензија не ми го овозможува тоа - ни се пожали патничката Марија Стојанова, која живее во Нови Хан.

Средношколецот Ѓорѓи Иванов, кој со врсниците се качи на станицата во Земен, ни рече дека секојдневно патува со возот до училиштето во Радомир.

- Веќе четири години патувам вака, а сега е подобро оти возовите порано беа стари и во нив студеше. Се возам околу еден час, а тримесечна карта ме чини над 60 лева (околу 2.000 денари, н.з.) - ни рече Ѓорѓи.

Тој е дел од младата генерација во овој крај, кој с` повеќе се намалува. Сопатникот Андон Попов, кој е исто така од Земан, ни рече дека и Ѓорѓи, како и многу други млади, еден ден ќе си земе само карта во еден правец за да замине во странство и да бара работа што не може да ја најде. Веројатно и затоа на нашето прашање каква е сега состојбата во Бугарија ни одговори со иронична насмевка: „Ќе се оправи, ќе се оправи...“

- Десетици илјади млади од ќустендилскиот и радомирскиот крај се иселиле. Сите села се намалуваат. Младите едноставно бегаат во Шпанија, Португалија, Германија... Јас ги разбирам. Ете, работам во Радомир во приватна фирма и не знам дали и кога ќе земам плата. Многупати се случува да ги измамат работниците. Зошто да седат тука, кога нашата земја е членка на ЕУ, па можат да бараат работа во други земји - ни вели тој додека ни ги покажува с` поопустените села, со стари куќи, и нивите што не се обработуваат.

И добар дел од запустените стојалишта покрај патот укажуваат дека во тој крај има с` помалку луѓе. Некои станици, пак, се сосема убаво уредени во стил препознатлив за железницата.

- Утринскиот воз најмногу се полни во Батановци, Перник, Даскалово... На тие стојалишта најмногу се качуваат луѓето што одат на работа во Софија. Kога ќе стасаме во предградието на Софија, на станиците Горна Бања, кај Фабриката за шеќер, возот брзо се празни. Веќе добро се познаваме со нашите редовни патници - ни вели љубезниот персонал во возот.

Зголемената брзина на возот пред влегувањето во Софија мораше пак да се намали, поради периферните населби, но и поради теснецот помеѓу два помали рида. Него, жителите од околната населба почнале да го користат како депонија при што и самата пруга често бива затрупана и со опасности при возењето. Затоа бугарската железница на секој месец или два е принудена да организира акции за расчистување на отпадоците што ги чекаат патниците и возовите од Ќустендил.

На крајот, возот стаса на еден од многуте перони на главната софиска железничка станица од која попладне назад нема да се вратат тие што тој ден земале карти само во еден правец. Односно, тие што својот пат го продолжуваат кон некоја од европските земји во потрага по работа.

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=736D19448147A84DAF713441913FC842

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.