Вработените во секторот Паркови и зеленило во Јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка интензивно работат на уредување на мајор коритото на Крива Река.
Како што информира директорот на ЈП „Комуналец“ Томе Тодоровски, продолжува уредувањето на кејот во централното градско подрачје на локацијата кај градскито парк, додека градежни машини работат и на поголем опфат на самото корито.
-Во строгиот центар на градот раззеленета е кејска површина од околу 5.000 метри квадратни, а за овој дел од мајор коритото има проект за уредување пешачка патека и мини-паркови. Поставени се канделабри кои ја осветлуваат Крива Река, а поставени се и повеќе фонтани кои ја користат водата од двата новоизградени бунари, непосредно до минор коритото. Едниот се полни со вода од Дурачка река, а другиот од „Пендин Вир“, така што не се употребува вода од системот за водоснабдување, изјави Тодоровски.
Според него покрај функцијата за осветлување, самите фонтани се и украсни и формираат гејзери, а осветлени се со повеќе бои.
-Се продолжува и со т.н. „Исправување“ на коритото на Крива Река, кое секако не е возможно целосно, но градежни машини работат во делови од кејот за да се постигне дополнителен ефект на арзубавување на кејот кој ќе и даде особен белег на општината, додаде Тодоровски.
Тој апелира граѓаните совесно да се однесуваат кон поставената урбана опрема, како и кон засаденото цвеќе, бидејќи сето тоа е поставено за подобра атмосфера во градот и подобар амбиент за живеење на сите граѓани.
-Апелирам, се што се поставува од наша страна , без оглед дали е тоа опрема или цвеќе, граѓаните да го чуваат како своина, бидејќи истото исклучиво ним им е наменето, нагласи Тодоровски.