Изучувањето на тајните на традиционалните занаети во градот Дупница, Република Бугарија, беше целта на одржаната четиридневна работилница под мотото „Оживувајќи ги старите занаети“, која заврши денеска во збратимениот град Дупница со Крива Паланка.
- Концепциски работилницата се спроведе во два дела од теоретска настава за традиционалните занаети во Дупница, додека вториот се реализираше преку практична работа и обука, истакна проект-координаторот од Крива Паланка, Милан Митовски.
Митовски додаде дека се изучуваа изработките на народни носии, маски, украси (накит) и кукли.
Во проектот како предавачи и демонстратори, односно обучувачи на традиционалните занаети од Дупничкиот регион учествуваа занаетчии-специјалисти и тоа Еленка Славова за национални носии и маски, Теодора Србинска за арт кукли и Бојана Пешева обуката ја спроведе за изработка на украси, односно накит.
Од страна на општината Крива Паланка учествуваа десет средношколци од СОУ „Ѓорче Петров“, како и нивните ментори Роберт Цветковски и Ангелчо Ристовски.
Создадените дела од работилницата ќе бидат изложени во арт галеријата „Околиска куќа“ во Дупница, а со проектот предвидено е да се изработи промотивен видеозапис од работилницата и издавање на публикацијата „Водич за занаети“.
Работилницата „Оживувајќи ги старите занаети“ е во рамките на проектот „Културно наследство - мост кон заедничката иднина“, финансиран преку фондовите на ИПА-Програмата на Европската унија за прекугранична соработка на Македонија и Бугарија, односно збратимените градови Крива Паланка и Дупница.