
Општина Крива Паланка почна постапка за доделување договор за јавно приватно партнерство за гасификација. Целта е зголемена конкурентност на локалната економија, подобрен квалитет на живот, привлекување нови бизниси и инвестициски проекти, отворање нови работни места, како и намалување на стакленичките гасови и придонес на општината во намалување на ефектот на глобалното затоплување.
Јавното приватно партнерство (ЈПП) ќе се реализира преку моделот изградба-финансирање-пренесување кое ќе биде завршено со пренесување на сопственоста на сите ново изградени објекти од приватниот на јавниот партнер по истекот на рокот на партнерството.
Договорот за ЈПП ќе се додели преку отворен јавен повик, согласно одредбите на Законот на концесии и други видови на јавно приватно партнерство.
Советот го овласти градоначалникот на општина Крива Паланка Арсенчо Алексовски да ја спроведе постапката за доделување на договор за ЈПП, преку формирање комисија за таа намена.