Министерството за финансии (МФ) во четвртокот информираше дека и додели на општина Крива Паланка заем во вредност од 51,6 милиони денари (околу 815.000 евра) за изградба и реконструкција на улици во градот, како и набавка на нова опрема за јавни услуги.
Условите на заемот се исклучително поволни – каматна стапка од шестмесечен ЛИБОР (која во моментот изнесува 0,9%) и рок на отплата од 13 години со вклучен грејс период од три години, се вели во соопштението.
Со обезбедените средства општината ќе изврши реконструкција на девет постојни улици во градот, како и изградба на мост на локалитетот Куков Дол. Со реконструкцијата на улиците „Никола Тесла“, „Никола Тесла-лев крак“, „Дивјанска“, „Пиринска“, „Биљинска“, „Осоговска (два крака)“, „Наско Тамбурков“, „Климент Охридски“ и „Горан Стојановски“ директна корист ќе имаат околу 1.000 граѓани на Крива Паланка кои живеат на тие локалитети.
Исто така за потребите на јавното претпријатие „Комуналец“ во Крива Паланка ќе се обезбеди специјализирана градежна механизација за отстранување на дефекти во водоводната мрежа. Од средствата кои и се доделени на општината ќе се набави и машина со опрема за чистење снег.
Од МФ информираат дека одобрените средства се дел од „Проектот за подобрување на општински услуги“ со кој Владата од Светска банка обезбеди 50 милиони долари за помош на општините. Досега се склучени 26 договори во рамки на овој проект со 24 општини.