Во кривопаланечкиот регион годинава беа засадени 700 хектари земјоделска површина со компир при што беа остварени 12,5 тони по хектар или вкупно производство од 8.750 тони квалитетен еколошки компир.
Насадени се претежно сортите агрија, дезире, лејла, пеик и други сорти претежно на ридско-планинските места на Осоговските Планини и Герман Планина.
Со оглед на фактот што деновиве беа собрани и последните реколти од компиропроизводството, вчера се одржа манифестацијата „Паланечка компиријада 2013 година“.
Оваа прва компиријада содржеше подготвување специјалитети од компир, дегустација на јадења од компир, промоција на компиропроизводители и секако културно-забавна програма.
„Паланечката компиријада“ свечено ја отвори кривопаланечкиот градоначалник Арсенчо Алексовски, кој воедно на најуспешните им врачи благодарници и скромни поклони.
Проектот е дел од манифестацијата „Крива Паланка град на културата за 2013 година“ организирана од страна на општината, Центарот за култура, Градскиот музеј, Здружението на компиропроизводители од Крива Паланка со поддршка на Министерството за култура.