Кривопаланчани денеска во 13.30 часот на Соларски мост одржаа протест против „исламизација на Крива Паланка“.
Организраторите велат дека протестот минал мирно, без инциденти и со масовна посетеност.
– Протестот помина во најдобар ред, мирно и без инциденти. Присутни беа околу 3.000 луѓе, што за град како Крива Паланка од 14.000 жители значи масовност. Пораката што ја испративме на протестот беше дека кривопаланчани се против изградба на џамија во градот, но и сакавме да дадеме до знаење дека тие што сакаат да ја изградат џамијата немаат валидни документи. Во овој град нема доволно муслимани за изградба на таков објект, но често се случува да доаѓаат возила кои имаат тетовски и гостиварски регистарски таблички – вели еден од организаторите.
Следниот чекор што ќе го преземат организаторите е испраќање порака до општинските власти и до инспекциите дека градителите на џамијата ги немаат потребните документи за да изградат таков објект.
Градоначалникот на Општината, Арсенчо Алексов, вчера за „Мета“ изјави дека пред Општината бил изграден параклис, но дека џамија нема да се гради затоа што мнозинство од населението во Крива Паланка е православно.
– Ромското население, во изнајмена канцеларија, направи импровизирана џамија и таму се молат, но официјално, во Општината нема план да се изгради џамија во градот – рече Алексов.
Граѓаните претходните денови собираа и потписи за да покажат дека се против изградбата на џамија во нивниот град.
Партијата за целосна епанципација на Ромите информираат дека бил демолиран муслимански верски објект во градот. На ова реагираше и новата политичка партија Унитети.
Кривопаланчани вчера се собраа на протест за да ја спречат изградбата на џамија во градот.
Организаторите на протестот велат дека никој не смеел да гради џамија без дозвола и документи. Претходно, овдешните граѓани потпишаа и петиција.
Мотото „Протест против исламизацијата во Крива Паланка”, центарот за слобода „Цивил” го оцени како говор на омраза и остро го осуди.