Министерот за образование и наука, Панче Кралев, денеска го посети реновираниот ученички дом „Боро Менков“ во Крива Паланка.
Со инвестиција на Министерството за образование и наука во вредност од 2.4 милиони денари, извршена е реконструкција на крило-В од овој ученички дом. Реконструкцијата, која беше комплетирана за 50 дена, опфати комплетна замена на под во 24 спални соби, како и комплетна санација на простории во сутерен, наменети за образовни и рекреативни содржини.
Имено, заменета е подната облога на вкупна површина од 602 м2, заменети се вратите во сите простории, како и прозорите во просториите во сутерен, скалишниот простор и ходниците. Дополнително, извршена е реконструкција на котелот за парно греење и на цевната мрежа во крило - В, реконструкција на санитарниот јазол во сутерен, а беа варосани и ѕидовите со површина од 3000 м2.
Во наредниот период, во општина Крива Паланка, се планира изградба на спортска сала во ОУ „Јоаким Крчовски“ и реконструкција на санитарни јазли во СОУ „Ѓорче Петров“ и ОУ ,,Илинден“.