Нема забрана за владиците и свештениците за користење на „Фејсбук“. Свештениците во МПЦ и понатаму ќе можат да ги користат социјалните мрежи за комуникација на верниците, но со одредени ограничувања. Ваквата одлука на Светиот Синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија е донесена на денешната седница, по бројните реакции кои се појавија во јавноста околу забраната. Дел од црковните лица остро се спротивставија на ваквата одлука, додека владиката Петар кој е иницијатор на ваквата идеја, тврдеше дека одлуката е донесена поради заштита од злоупотреби.
Синодскиот секретар, епископот хераклејски Климент вчера изјави дека МПЦ наскоро ќе ја ревидира својата одлука со која на владиците, свештенството и на монаштвото им се забрани користењето на социјалната мрежа Фејсбук.
„Ќе се допрецизираат начините на кои ќе може да се користи оваа социјална мрежа со оглед на реакциите кои се појавија во јавноста откако беше донесена одлуката“, вели епископот Климент. Веќе на почетокот на иднината година треба да бидат дефинирани начините како и за кои потреби ќе може да се користи оваа социјална мрежа.
По иницијатива на владиката Петар, МПЦ пред неколку месеци испрати писменото решение до сите епархии во земјава и надвор од неа со кое им наложи на свештените лица да стојат настрана од социјалните мрежи. Тој рече дека бил поттикнат да побара забрана за користење на социјалните мрежи од страна на свештенството поради заштита од злоупотреби и некои нови појави како исповедување и интимни разговори со младите, кои зачестиле во последниот период.
Со најновата одлука на Синодот, забраната која што владиката Петар уште пред две години ја воведе во Преспанско-пелагониската и во Австралиско-новозеландската епархија, нема да се прошири и во другите епархии на МПЦ. За нив социјалните мрежи и понатаму ќе останат достапни за комуникација со верниците. Помладите свештеници во последно време се почесто ги користат социјалните мрежи за да ја доближат црквата до младите и верски да ги образуваат, но и за споделување на ставови за актуелните случувања во земјава.