Вкупно 31 пензионер од општините Крива Паланка и Ранковце ќе ги користат поволностите за бесплатен туристички викенд од Проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација и бесплатен туристички викенд на Министерството за труд и социјална политика.
-Од поднесените 215 барања за бесплатен викенд од страна на пензионерите од двете општини кои ги опфаќа Филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Крива Паланка, беа одобрени 31, а овие лица услугата ќе можат да ја искористат во следните два викенди од овој месец, од 20 до 22 март и од 27 до 29 март, информираа од ПИОМ, Крива Паланка.
Доставени се известувања до сите корисници од Крива Паланка и Ранковце на кои им се одобрени барањата.
-Сите корисници се известени, а услугата ќе ја ползуваат во хотел Пoлин во Стар Дојран. Тргнувањето е во петок од 15 часот, а пензионерите користат тридневна услуга со два полни пансиони и автобуски превоз до хотелските објекти во одредените туристички локалитети, потенцираат од ПИОМ, Крива Паланка.
Оваа услуга е воведена за прв пат годинава и може да се користи еднаш од страна на лица корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија.
До Филијалата на ПИОМ од Крива Паланка годинава беа поднесени вкупно 417 барања за користење на услугите од Проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација и бесплатен туристички викенд. Од нив 215 беа за користење бесплатен викенд и 353 за бесплатна бањско-климатска рекреација, од кои одобрени беа 58.