
На последната седница на Советот на општина Крива Паланка командирот на Полициската станица од општа надлежност Крива Паланка, Гоце Ивановски, информираше дека во второто полугодие на 2015 година на подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце нарушувањата на јавниот ред и мир драстично се намалени.
-Најголем број од прекршоците на територијата на двете општини се физички напади и тоа 18, а во 2014 биле 31, потоа, учество во тепачка 17 прекршоци, караници, расправии 6. До Основен суд Крива Паланка и Комисија за прекршоци при СВР Куманово поднесени се 53 барања за поведување прекршочна постапка против 80 сторители, информира Ивановски.
Согласно информацијата за превземени мерки и активности во второто полугодие од 2015 во областа на јавниот поредок поднесени се вкупно 21 барање од кои шест барања по законот за јавна чистота, 11 по законот за лична карта и 4 барања по законот за живеалиште и престојувалиште.
Отсекот за превенција во второто полугодие на 2015 во општините Крива Паланка и Ранковце во рамки на проектот „Безбедни училишта“ континуирано одржува едукативни трибини за младите на тема „малолетничко претсапништво со елементи на насилство“. На трибините се разговара за ризик факторите за семејно насилство, алкохол, дрога, влијание на училишна средина, злоупотреба на социјални мрежи, а опфатени се учениците од основните училишта Јоаким Крчовски, Илинден, Христијан тодоровски Карпош, како и средношколците од Ѓорче петров, Крива Паланка.
Ивановски нагласи дека во овој период нема дела од областа на организираниот криминалитет, додека, како што рече, од страна на сите полициски службеници се превземени мерки по насоките на проектот „Полицијата и граѓаните заедно“.