Со 4,1 милион денари од Бирото за регионален развој, по три децении од изградбата, ќе се санира објектот на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.
Носител на проектот е Општина Крива Паланка, а одобрени се средства за санација, поправки и опремување на установата.
-Премногу сме благодарни до општината за аплицирањето и до Бирото, за одобрувањето на овој проект со којшто конечно ќе се реши деценискиот проблем на НУЦК. Објектот на нашата установа не е реновиран и не се реализирани поголеми инвестиции од изградбата во 80-те години на минатиот век до денес. Проектот ќе опфати комплетна замена и уредување на ентериерот на кино салата: плафон, ѕидови, сите 376 седишта, подната облога, затоплувањето, помошните простории и соблекувални, осветлувањето, тоалетите и помошната сцена, изјави директорката на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Активностите за реализација на проектот се очекува да почнат наскоро, а Ѓоргиевска најави и уште еден инвестициски проект во НУЦК, за набавка на компјутерска опрема, со финансиска поддршка од Министерството за култура.