Од вкупно 48 основни и средни училишта што досега се оценети од Државниот просветен инспекторат (ДПИ), ниту едно не добило највисока оценка (четворка). Едно има оценка не задоволува, 21 училиште добиле тројка, односно добар, а пак, 26 други училишта во државата се оценети со делумно задоволува или двојка.
Ваква е засега ситуацијата со оценките на училиштата, кои ги даваат просветните инспектори, како дел од интегралното оценување, со кое ќе бидат опфатени сите училишта во државата. Освен училиштата, се оценува и работата на секој наставник поединечно, па така, според досегашните податоци на инспекторатот, наставниот кадар има добиено средна оценка 2,70, а со единици се оценети три отсто од вкупниот број наставници.
При инспекциските надзори што биле спроведени во текот на првото полугодие, се јавиле следниве недостатоци во училиштата: традиционална настава, некористење компјутери во наставата, несоодветен наставен кадар. Исто така, инспекторите констатирале и дека за изборните предмети не се анкетираат учениците да изберат што сакаат да учат, туку „се избира“ предметот што го предава наставник што нема доволен фонд часови.
- Конкретно за ова, просветниот инспекторат веќе има издадено решенија. Освен тоа, како друг недостаток што е констатиран е тоа што четири отсто од наставниците немаат доставено планирања за наставата до раководниот кадар во училиштата. При вршење на интегралната евалуација, се вреднува работата на наставниците и стручните соработници. Обрасците за вреднувањето и информацијата од вреднувањето, ДПИ ги доставува до Државниот испитен центар - информираат во ДПИ.
Според Раде Жегарац, директорот на основното училиште „Лазо Ангеловски“, нормално е сите наставници да сакаат да имаат солидни оценки.
- Ако наставникот добил највисока оценка, кога ќе му кажат дека неговото училиште има, на пример, тројка, тогаш тоа може и да не го погоди многу, оти сепак тој лично постигнал добар резултат. Но мене, како директор, оценката ме погодува, која патем сѐ уште не сме ја добиле, а очекувам да е тројка, како што се оценети повеќето училишта. Тоа за мене е солиден резултат. Кај нас работите се доста средени и училиштето добро функционира - вели Жегарац.
Оценувањето на наставниците треба да ги поттикне да користат современи методи во наставата
Инаку, интегралното оценување започна да се спроведува како пилот-проект во 2010 година, и во почетокот беше оценувана работата само на неколку училишта. Првата година наставниците добија просечна оценка двојка (1,52), а следната учебна година исто така беше два. Годинава има подобрување, односно просечната оценка е тројка.
Кога ја најавуваа оваа новина, одговорните во ДПИ рекоа дека целта на оваа новина е да се натераат наставниците да оценуваат континуирано, да користат современи методи во наставата и слично. Во 2010-та, кога започна ова оценување, ексдиректорот на ДПИ Џорџе Арсов за „Нова Македонија“ рече дека инспекторите затекнале наставници што оценуваат само пред тримесечје, полугодие или пред крај на учебна година. Освен тоа, ги препишувале или воопшто не пишувале дневна подготовка, не воделе правилно педагошка евиденција, не работеле на сопствена наобразба и не соработувале со родителите на учениците.
Кралев: Наставниците и директорите се сѐ посветени
Подобрувањето на оценките на наставниците е резултат на нивната посветеност и на директорите на училиштата, смета министерот Панче Кралев.
- Ова подобрување е резултат на посветеноста во делот за подобрување на наставата и реализација на големиот број мерки што беа преземени минатиот период од страна на Министерството за образование и наука. Очекувам дека следните оценки ќе бидат уште подобри - вели Кралев.
www.novamakedonija.com.mk