Неделата по христијанскиот празник Тодорова сабота во кривопаланечкото село Конопница четврта година по ред ја донесе возобновената народно-црковна манифестација „Невестинско поклонение“, своевиден бренд на Крива Паланка, која во дворот на православниот храм во селото Конопница, повторно собра стотици мештани, но и гости од републикава и од странство.
Одговорните уште еднаш подготвија интересна програма за одбележувањето на денот на „Св. Теодор Тирон“. Темелите на традициите кои датираат од 50-те години на минатиот век, послужија како основа по многу децении општината да го воскресне овој убав настан, кој овој пат го имаше своето 4-то издание. За таа цел општина Крива Паланка, Месната заедница на Конопница и Националната установа Центар за култура, заедно со МПЦ, ги вгостија сите добронамерници во дворот на црковниот храм во селото. Преданието вели дека сите девојки кои ќе се омажат меѓу две Тодорици, во невестинска, меѓутоа народна традиционална носија и со нивната свекрва, да му се поклонат на светителот за од него да се благословени со здрав пород. Ова минативе четири години го сторија десетици млади девојки и мајките на сопрузите, а по 5 снаи и свекрви ја удостоија манифестацијата со нивното учество оваа година.Тоа претставува дел од автентичното прославување на Тодорица, кој е празник на селото Конопница, но и веќе препознатлив туристички бисер на ова место.
Во својата изјава градоначалникот Алексовски нагласи дека локалната самоуправа како и досега подготвено го дочека овој значаен празник. За музиката беа задолжени членовите на составот за изворна музика од градот, се одржа традиционалниот натпревар за домашни алкохолни пијалоции посни месени пити, а секако тука беше и орото. Со надеж за омасовување на манифестацијата, која освен продолжување на традицијата може да ја збогати и туристичката понуда на градот, првиот човек на општината испрати апел до младите. Им порача сите да го чуваме она кое што не поврзува со претците, за да не се загубиме во сегашноста и за да изградиме подобра иднина.