По овластување на почесниот амбасадор од РМ во Пакистан, Билал Кјуртеши, денеска кривопаланечкиот градоначалник се сретна со управителот на групацијата за Македонија „Џонсон и Филипс – АГРО“ Горан Арнаудовски.
- Прва пакистанска инвестиција во Република Македонија од прехранбената индустрија со вредност од околу 1,3 милиони евра е токму откупувањето на Кланицата со ладилник од поранешната З.З. „Малина“, истакна Арнаудовски.
Во овој износ на инвестиции се опфатени и ревитализацијата на кланицата, како и изградбата на новиот погон за месни производи кои најпрво ќе се пласираат во државата, а јагнешкото месо ќе се извезува и во земјите од арапските емирати.
Во овој сегмент ќе бидат развиени и кооперантските односи со индивидуалните земјоделски производители и со земјоделските претпријатија за јагниња и јунци и храна, а потоа, при примопредавањето на стоката, ќе се рефундираат и остварените добивки на земјоделците или претпријатијата.
Предвидено е веднаш да се вработат до 60 лица, а со кооперантските односи овој број значително би се зголемил.
Доколку дозволат временските прилики, овој инвестициски проект треба да се реализира во периодот март – јуни следната година.
Развојната компонента на групацијата „Џонсон и Филипс – Агро“ од Пакистан предвидува вложување на уште од 3-4 милиони евра на претходни бизнис испитувања. Се планира и отворање уште еден погон со дејност на откуп, конфекција и пакување на овошје и зеленчук кои произовди ќе бидат исклучиво наменети за извоз.