Полицискиот службеник во МВР Г.С. (34) од Крива Паланка доби кривична пријава поради основано сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување и извршил измама во 2002 година.
Како што соопшти полицијата, пријавениот при надзор над мерка куќен притвор определена од Основен суд Куманово над оштетените лица М.Ц. (27). и Ѓ.Ц. (28), ја злоупотребил својата службена положба. Откако го извршил надзорот, повторно се вратил кај оштетените, им се претставил како инспектор и дека бил задолжен да им ги провери состојбите на тековната сметка бидејќи тие подолго време се наоѓале во притвор и можно е некој да им ги зел парите. Службеникот им ги побарал платежните картички со ПИН кодовите.
Оштетените му поверувале и му ги дале, а тој во повеќе наврати од банкомат во Крива Паланка од нивните сметки подигнал 63.500 денари.
При нов обид за подигање готовина, картичката била одземена од банкоматот, а известувањето било дека картичката не е во функција. Службеникот веднаш влегол во објектот на Филијалата во Крива Паланка каде што почнал да се распрашува за важноста на платежните картички на оштетените лица, а по добиен одговор од вработениот дека со картичките нешто не е во ред си заминал.
За пресвртот во приказната е заслужен сосед на лицата кои биле во куќен притвор и жртви на полицискиот службеник. Оштетените лица му кажале на соседот дека на полицискиот службеник му ги дале платежните картички и ПИН кодовите, а тој се посомневал во неговите намери, бидејќи полицаецот бил познат дека на повеќе лица во Крива Паланка им должел пари, односно земал на заем и не им ги враќал. Соседот се јавил во службите на АД „Стопанска Банка“ – Скопје и ги пријавил предметните платежни картички како изгубени, по што тие биле блокирани, поради што банкоматот ја одзел картичката.
Против пријавениот и претходно до ОЈО Куманово бил поднесен посебен извештај за измама бидејќи не вратил долг на лице од кое претходно зел пари на заем.
За пријавениот ќе биде поведена и дисциплинска постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина со предлог мерка отстранување од работното место согласно Колективниот договор на МВР на РМ.