По повод прославата на Новогодишните и Божикните празници, синоќа, во Националната установа - Центар за култура од Крива Паланка беше организирана „Предновогодишна програма 2012 година“ во чии рамки е отворена „12. Ликовна колонија Ѓуриште 2012 година“ од Свети Николе.
Во фоајето на изложбениот салон беа претставени 18 сликарски дела изработени од девет ликовни уметници од Македонија, Србија и Бугарија.
- Користејќи различни техники (акрил и масло на платно) и мотиви тие на сликарските платна ги распослаа своите души, мечти, визии..“, се истакна на отворањето на изложбата.
Учесниците на колонијата внесувајќи се целосно во нивното опкружување и во своите дела, твореа во просториите на Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Свети Николе.
Во рамки на проектот „Предновогодишна програма 2012 година“ во следниот период ќе има изложби на фотографии и автентични носии, фолклорни концерти, театарски претстави и промоции на книги.
Организатор на проектот е НУ - Центар за култура од Крива Паланка со поддршка на Општина Крива Паланка и генералниот спонзор „Индо-минерали и метали РОЦ Тораница“, кај Крива Паланка.