
Од централниот градски плоштад во Крива Паланка тргнаа над 120 возила, џипови, мотоцикли, теренски офф-роад автомобили кои возеа под мотото "Да ги запознаеме убавините на Осоговските Планини". Организатор на настанот е Автомото клуб "Офф-роад Осогово", а покровител е локалната самоуправа на општина Крива Паланка.
- Задоволен сум од одѕивот, имаме претставници од дваесетина автомото клубови од повеќе градови од Македонија, како и учесници од Република Бугарија. Посакувам убав ден и добро дружење на сите учесници. Оваа манифестација е одлична можнст за промоција на убавините на нашиот крај, истакна градоначалникот Алексовски на стартот на релито.
Стартот на патеката е плоштадот во Крива Паланка, се минува низ прекрасните предели на Осоговските Планини, се до манастирот Свети Јоаким Осоговски. Должината на патеката е 64 километри, од кои 80 отсто е неасфалтиран пат, а највисоката точка до која се вози е Царев Врв (2.085 метри), втор по височина врв на Осоговието. Рели "Калин Камен" се одржува на 24 Мај во чест на словенските просветители св. Кирил и Методиј.