Перник е индустриски и рударски град, потоа „по малку изгледа сиво, напуштено и тмурно, тој е еден од најзагадените градови во Европа“ или, пак „во тој град царува мафијата, до неодамна се крадеа автомобили, имаше убиства, којзнае како е таму денес“...
Овие коментари ги слушавме додека се подготвувавме за нашата следна дестинација за репортажа. Градот Перник во Бугарија. На коментарите гледаме со доза скептицизам. Не ни се верува како едно место, кое се наоѓа на само 30-ина километри од бугарската престолнина Софија, може да е толку тмурно и осамено и кое е препорачано меѓу топ-10-те светски дестинации што задолжително мора да се посетат. Особено во јануари оти тогаш се организира еден од најстарите и најголеми карневалски фестивали на Балканот и во Европа, наречен „Сурва“. Инаку перничката околија е населена со 105 илјади жители, од кои 90 илјади живеат во градот, а останатите во околините села. Овој град во југозападниот дел на Бугарија е сместен на двата брега на река Струма, во Струмската Kотлина, меѓу планините Витоша и Љулин. Kарневал, рударство, мафија? Дефинитивно неспоиво, но доволно предизвикувачки за да не се двоумиме. Два часа и 50-ина минути пат со автомобил се чинат кус период. Сивилото се насетува уште веднаш по минувањето на границата.
Од рударските погони и фабрики останаа само спомени
40 или 50 километри на час е максимум дозволено да се вози кон Ќустендил. Помеѓу него и Перник има само еден град, Радомир. Не сакаме да ризикуваме со побрзо возење, добро ни е познато дека бугарската полиција е распоредена на многу места крај автопатот. Сепак, не сме поштедени. Иако е 30 декември, само ден пред најлудата ноќ и нема голема фреквенција на возила, бугарскиот полицаец кој мавта со знакот „стоп“ јасно ни дава до знаење оти токму на нас падна изборот.
Во Перник одите? Зошто? – не прашува. Задоволен е од нашиот одговор, ги прегледува набрзина пасошите и дозволува да продолжиме.
- Ве застанала полиција оти сте возеле според прописите, тоа е помалку чудно кај нас, ни вели подоцна на шега еден од нашите домаќини. Ни дава пријателски совет дека ако некогаш навистина бидеме стопирани поради прекршок, доволно е „да му дадеме, дискретно на службеникот минимум 20 лева и работата едноставно ќе биде заборавена, а ние ќе си го продолжиме патот“. Само што ја одминуваме полицијата, непосредно пред Ќустендил влегуваме во облак од магла, густ, со лош мирис. Возењето е непрегледно, одвај 20-25 на час. Си помислуваме, зарем сивилото на Перник почнува уште оттука. По половина час пат низ облак, како со нож пресечена маглата исчезна. Од десната страна на патот на знак стои натпис Перник. Дури се наѕира и сонце. Од оџакот на секоја куќа крај патот во предградието излегува чад, очигледно е дека во овој дел од градот греењето на дрва најмногу се практикува. Во дворовите и во околината нема луѓе. Kуќите личат една на друга: имаат најмногу два ката, речиси сите со сиви фасади, скромни. Сивата слика ја разбиваат две-три куќи во бели и во жолтеникави ѕидови. Од левата страна на патот здогледуваме висока зграда. На нејзиниот покрив со големи букви е испишано ХЛЕБОЗАВОД. Подоцна дознаваме дека пред неколку децении била фабрика за леб, а сега од неа е останато само грандиозното здание, со искршени прозорци, излупена фасада. Оставена на забот од времето, без ниту најмала надеж повторно да заживее. И познатата фабрика „Kристал“ за производство на стакло, што се наоѓа во нејзина близина, е во слична состојба. Ни станува јасно зошто нашите соговорници уште пред да тргнеме зборуваа оти градот е тмурен. А подоцна разбираме и од каде им е впечатокот дека е напуштен.
Возиме кон зградата на општината. Приближувајќи се кон центарот, коментираме: досега не сме посетиле ниту еден град што изгледа постаро од овој. Зградите се сите исти, нема висококатници, личат на познатите руски згради во Скопје, но овдешните ги изело времето. Нови станбени, а ниту какви било други градежни проекти засега не се ни во план, ни објаснуваат подоцна домаќините. Стари балкони и прозорци, алишта испружени меѓу дрвјата, на конопи врзани од балкон на едната до балкон на соседната зграда. Никаде нема новогодишни украси. Ниту градските улици не изгледаат подобро. Минуваме преку неколку легнати полицајци, мошне високи и остри за разлика од оние на кои сме навикнати по скопските улици. Додека коментираме дека е чудно што до овој момент не забележавме ниту еден автобус, пред нас минува тролејбус, иако изгледа стар и како одвај да се движи, беше интересно да се види. И автомобилите се повеќе скромни и не многу нови. И знамето на ЕУ, кое е закачено на речиси секоја бандера, не успева да го освежи изгледот на градот. Заедно со бугарското, и она со грбот на општината се вее изедено од сонцето, дождот, снегот. Новогодишната атмосфера воопшто не се чувствува. И ликовите на минувачите веќе ни изгледаат исто како и околината. Не во голем број итаат низ Перник, секој задлабочен во своите мисли, скромно облечени. Во длабоки размислувања ја прекинуваме младата жителка, бараме помош да ни објасни каде е зградата на општината.
- На онаа раскрсница лево, веднаш ќе ја забележите, највисоката зграда во Перник е таа - ни вели девојката со малку нервозен тон. Не ~ е проблем што зборуваме македонски, одлично н` разбира, но и сите со кои подоцна разговаравме. Зградата од која управува градоначалникот на Перник и во која е сместена речиси целата градска администрација е навистина висока, нешто повеќе од 10 ката, но се двои од другите не само по висината ами и по тоа што таа и зградата на Општинската банка, на чиј врв стои натписот „Слава на рударскиот труд“, изгледаат малку поугледно од другите објекти во градот.
Близината до Софија – повеќе е минус отколку предност
Со Перник раководи жена.
- Росица Јанакиева, нашиот кмет, во моментов има гости во својата канцеларија, за 10-ина минути ќе ве прими, ни вели едно љубезно младо момче од нејзиниот кабинет. Се вика Васил Иванов, има 27 години, задолжен е за односи со јавност. Додека чекаме да влеземе кај градоначалничката во една од салите за конференции, забележуваме дека внатре одамна не е ништо променето. Но изгледа зачувано и пристојно. Во меѓувреме од канцеларијата на кметот влегуваат и излегуваат гости со кесички со подароци од неа.
- Ова е нејзиниот втор мандат, а три пати во последниве години е прогласувана за најдобар градоначалник во Бугарија. Тоа е жена-лидер, која точно знае што сака од вработените. А кога тимот го избира, не ја интересираат партиските и други врски, единствено само квалитетот - ни објаснува Васил додека н` спроведува кон нејзината канцеларија. А внатре покрај неа седат нејзините тројца заменици. Н` пречека со шампањ, лешници и со бадеми, во амбиент далеку поубав од она што видовме во зградата, ама и на улиците. Изгледа силно и самоуверено. Kога се најавивме дека доаѓаме во нејзиниот град, не праша ниту зошто идеме ниту, пак, што имаме во план да ја прашаме. Изгледа оти е спремна да одговори на секакво прашање. Веднаш н` прашува како ни се допаѓа градот, одговараме искрено оти не личи на европски град, кој е само 20 минути оддалечен од Софија.
- Економската криза не н` одмина ниту нас. За жал, не се инвестира во изградба на станови и нови објекти, ниту се реставрираат старите, едноставно инвеститорите проценуваат дека тоа за нив е непрофитабилно. Но, општината набргу ќе почне со реализација на еден проект за средување на централниот дел од градот со повеќе зелени површини и паркови - одговара Јанакиева искрено и без двоумење. Вели оти индустриската развиеност во 20-тите години од минатиот век го трансформирала овој индустриски центар во град во кој се живеело од рудниците за јаглен, стакларницата, металургиската индустрија, а по многу години, по промената на системот во 90-тите, денеска функционираат само три претпријатија за добивање јаглен.
- Останаа само една металургиска фабрика, се произведува топлотна енергија неопходна за секојдневен огрев на компаниите и на домовите, и една за електрична енергија. Населението се снаоѓа со производство на храна, слатки и месо, а во поново време е развиена и текстилната индустрија - вели Јанакиева. Оптимист е дека градот ќе се издигне во едно поинакво светло, иако признава оти нема да е воопшто лесно.
- Тоа е судбината на град што е во непосредна близина на престолнината на една држава. Секој што доаѓа е само минувач оти неговата цел е Софија. А и овдешните жители секојдневно својата егзистенција ја бараат патувајќи Перник-Софија и обратно - ни објаснува Јанакиева. Иако не сака отворено да каже, во нејзините зборови се надзира разочарување оти во Перник никогаш не ќе има живост, инвестирање, напредок каков што има во другите европски или неевропски помали градови, само поради тоа што е во непосредна близина на главниот град. Пред да заминеме на прошетка во градот, љубопитни сме да чуеме како се справуваат со мафијата. На половина реченица Јанакиева н` прекинува. Одмавнува со раката и вели оти сето тоа е минато. Труповите што се откриени пред некое време закопани во околината на Перник се жртви на мафијата, но одговорните се веќе одамна зад решетки.
- Јас проблеми немам. Човек што работи чесно не се плаши од закани од т.н. мафијаши, ниту од политички притисоци - категорично одговара мавтајќи со главата.
- А добивате ли закани? - прашуваме. Ни вели оти сега не се толку чести за разлика од порано, но убедена е дека има сила и моќ да се справи со сите нив. Љубезно н` замолува да ја оставиме да ги заврши преостанатите обврски на последниот ден од старата година. Н` препушта во рацете на помладите соработници за да го разгледаме градот. Со крената рака н` потсетува оти со задоволство би сакала да биде наш домаќин на 25, 26 и на 27 јануари на познатите карневалски денови од меѓународен карактер во Перник.
Мафијата веќе не царува, ја замени уличниот криминал
- Имаше проблеми од 90-тите години до кај 2006 година, нормални процеси на преобразување на сопственоста кога одредени луѓе ги злоупотребија своите позиции за да се збогатат нелегално - ни вели Владимир Босев, заменик-градоначалник за социјална дејност, здравство и безбедност. Јанакиева побара од него да ни даде повеќе информации во врска со нашите прашања. Но неговите одговори се идентични со оние на неговата претпоставена: мафија во Бугарија во моментов нема, а криминалот е сведен на улични пресметки и распространетост на наркотици. Не ни открива ништо повеќе ниту за трите трупа пронајдени во близина на Перник, пред само неколку месеци, во август.
- Расчистени се тие случаи. Одговорните се зад решетки. Дејноста на мафијата се смири со целосен ангажман на сите институции, полицијата, судовите. Порано моравме да правиме предупредувачки мапи за тоа како да се движи населението по магистралните патишта оти постојано имаше ограбени луѓе, украдени автомобили. Многу Македонци настрадаа во тоа време - дополнува Босев.
Инаку, во октомври 2012 еден локален медиум почна да објавува делови од мемоарите на еден од најпознатите крадци на автомобили Богдан Риболов-Тупи. Тој во текот на одлежувањето на затворската казна во Чешка одлучил да ги стави на хартија сите свои вистини за перничката мафија. Kнигата открива тајни што се крчкале во кујната на перничките власти, врзани со наркобаронот Рајко Kрвта.
Kарневалот кандидат за УНЕСKО
Младите во Перник со нетрпение ги очекуваат карневалските денови, кои секоја година се организираат кон крајот на јануари. Ова е еден од ретките, ако не и единствен период од годината кога градот е интересен за странците и за туристите. Според зборовите на 21-годишниот Јавор Давидков, кој е исто така дел од тимот вработени во кабинетот на Јанакиева, плоштадот во Перник тогаш е преполн, шаренолик и прекрасен.
- Над 100.000 луѓе од Балканот, Европа, Хаваите и други уште пооддалечени места се тука овие три дена. Маските се неверојатни, инвентивни, а нашиот карневал од годинава е кандидат за УНЕСKО - раскажува Јавор додека шетаме низ плоштадот, скромно украсен и речиси без новогодишна магија каква што е позната во македонските градови. Зошто е вака? Дури и сцената на која за новогодишната ноќ ќе настапуваат веројатно пејачи и групи изгледа мала, дури незабележителна.
- Не знам кој ќе пее ниту, пак, што е организирано - брза да одговори неговиот колега Васил. И додава оти тој со својата девојка ќе биде надвор од градот. По кусиот молк, за да го ублажи впечатокот Јавор, на својот телефон ни ги покажа фотографиите од парничкиот плоштад навечер.
- Убаво свети ноќе, не изгледа лошо, нели - додава со насмевка.
Мајки со своите бебиња во колички и мали деца, средовечни луѓе што со забрзани чекори итаат кон дома по завршените работни обврски, по некој пензионер на прошетка за да украде од зимското сонце, и десетина тезги со новогодишни украси, книги и гардероба.
Вака изгледа плоштадот во Перник на 30 декември околу 15 часот. Предновогодишната еуфорија не се чувствува, само скромната елка поставена на центарот од плоштадот н` потсетува дека следниот ден е дочекот. И продавниците покрај шеталиштето иако се излепени со огромни бројки, 30, 50 и 70 проценти попуст, не успеваат да ги намамат минувачите внатре. Позната слика.
- Блиску сме, не може да е драстично поинаку, коментира 21-годишниот Јавор Давидков, еден од нашите домаќини, додека се движиме низ центарот. Тој е студент на еден приватен универзитет во Софија, студира јавна администрација и е дел од тимот за односи со јавноста во кабинетот на градоначалничката на Перник. Ни објаснува дека во план е големо преуредување на центарот, инвестиција обезбедена од европските фондови. Јавор детаљно се обидува да ни ја долови сликата на идниот изглед на перничкиот плоштад, објаснува дека ќе доминираат зелени површини. Но, од неговото раскажување вниманието ни го одвлекувааат двајца Роми, маж и жена на возраст помалку од 40 години, продаваат интересни украси направени од пуканки и ситни бисквити, нанижени на стапчиња, во форма на големи лижалки. Гледаат кон нас, сакајќи да н` привлечат да купиме нешто. Стуткани со рацете в џеб, очигледно е оти подолго време не застанал никој на нивната тезга, не им направил промет. Штом забележуваат дека погледите ни се задржаа кај нив, н` чекаат, довикуваат мавтајќи со рацете.
Живот на залог поради кредити
Среќни празници, ги поздравуваме. Одвај се насмевнуваат. Не се расположени многу за муабет. Ни ги нудат своите рачни изработки.
- 4 лева се. Земете си. Овие служат за да ги избркаат злите духови и несреќи од старата и се амајлии за убави работи во новата година, вели жената. Ни признава оти цел ден стојат, но повеќе има такви како нас што прашуваат отколку што купуваат.
- Ако не успеам да ги продадам до утре, ќе ги фрлам, толку е, ако ми е таква среќата, вели таа, но не се жали, ниту, пак, се разочарува. Беспарица е и не се продава ништо, ама се моли од полошо да куртулат.
- Времето мора да врви и вака, мора да се протера, вели Ромката и одмавнува со раката како за збогување, не сака повеќе да ја распрашуваме. Само што заминуваме од пред нивната тезга кога таа набрзина кажува неколку збора.
- Сурова, сурова година, да сте живи и здрави в година, до амин. Зборовите се повторуваат трипати и потоа, заедно со стапчето се фрлаат во вода, па се купуваат нови за следната година. Чекориме кон најелитниот ресторан во Перник. Сликата пред нас е зачудувачка. Млади родители седнати на клупите, трпеливо ги чекаат своите малечки да се истрчаат низ плоштадот. И додека процентот на невработеност во Перник како и во многу други помали градови на Балканот е над 30 отсто, во секоја зграда од оние што го обиколуваат плоштадот светат огромни реклами на банки. Таква е сликата на речиси сите улици во Перник. Во секоја зграда приземјето е резервирано за банка или за т.н. залогна куќа. Kако на шега, меѓу себе коментираме дека најмногу ќар имаат банкарите поради животот на кредит.
- Тоа се еден вид банки во кои можеш да земеш кредит на одложено враќање, а да заложиш имот, злато, автомобил или друга сопственост. За жал, нема да сретнете некој што не зел кредит, но уште пострашно е што не успеваат да го вратат, па на крајот остануваат ем без пари ем без залогот што го дале, разочарано коментира колегата на Јавор, 27-годишниот Васил. Раскажува дека во Перник младите не сакаат да останат. Додека го прелистуваме менито во ресторанот „Скавија“, објаснува дека до пред некое време тој и неговата девојка живееле под кирија во стан во Софија поради студиите, но сега остануваат во Перник поради неговата работа тука. Повторно ќе живеат заедно, но за речиси двојно поевтина кирија.
- Во Софија пристојно и удобно среден стан да се изнајми под кирија чини околу 500 евра. Во Перник е околу 250-300. Се исплати да живееш тука и секојдневно да патуваш во Софија, затоа малкумина млади остануваат засекогаш овде. Најголем дел сакаат да си одат, вели тој. Додека зборува, покажува кон масата на другиот крај од ресторанот на која седи една девојка со неколкумина на нејзина возраст. Само тие, ние, и уште тројца на маса до нас сме единствените посетители во ресторанот. Се обидува да ја повика за да ја запознае со нас, но таа одбива.
-Ќерка е на еден од најбогатите луѓе во Перник, и меѓу првите десет во цела Бугарија, вели дискретно Васил. Додава дека тешко е да се основа сопствен бизнис во Перник, оти сето богатство, потенцијал и капитал е во рацете на неколкумина олигарси. Kога е слично, а можеби и полошо во Софија, што останува за помалите градови. Затоа изборот за младите е тесен, но, како што вели Васил, барем се европски граѓани, па може да патуваат.
Мора да веруваме во ЕУ
Kелнерот ја носи сметката. Време е да продолжиме да го разгледуваме градот. Не дозволуваат да платиме. За една сезонска салата треба да платиме 6,5 лева, порција шпагети со сос е 8,5 лева, а свинска шницла е 10 лева.
-Kолку чини прославата на новогодишната ноќ, прашуваме љубопитно. Љубезно ни одговара дека е 80 лева, со неограничено пиење и бенд во живо, а и с` уште не се исполнети сите маси. На излегување од ресторанот ни приоѓа младо момче со камера и држач во едната рака и жолта ѕвезда во другата. Веднаш се претставува не оставајќи ни да се чудиме повеќе.
- Правам кампања меѓу младите граѓани на ЕУ по повод изборите што се ближат во Унијата. Идејата е да ги натераме младите да гласаат и да веруваат дека може да придонесат за промена. Снимаме млади минувачи кои сакаат да ја испратат својата порака до врсниците во ЕУ, вели момчето. Васил се согласува да биде снимен.
- Веруваш ли навистина во оваа кампања, во ЕУ, го прашуваме на разделување.
- Морам да верувам, одговара со крената рака за поздрав.
15 илјади луѓе секојдневно патуваат во Софија на работа
Становите во Софија се движат од околу 150 000-200 000 лева, додека во Перник се речиси двојно поевтини. Ова е и причината што населението овде не е разочарано од своите услови за живот, оти заработуваат во главниот град, а живеат според стандардите на помалиот, на Перник, каде што цените се минимум 15-20 отсто помали. 15 илјади луѓе секојдневно патуваат во Софија на работа. Таму платите се двојно повисоки, а во Перник просечната е околу 300 евра.
- Тешко е вработувањето тука, но тоа што Софија е многу блиску им помага на младите да се реализираат во своите амбиции. За разлика од другите помали градови во однос на приватниот бизнис, Перник е во плус, додека помали драстично стагнираат. Тука помага и општината, во која 60-70 проценти од вработените се на возраст до 45 години, објаснува Јавор.
Бизнис-партнерства со многу македонски фирми
Благодарение на индустриските капацитети, во 20-тите години од минатиот век, Перник прераснува од село во град. За жал, со промената на системот, индустриското богатство сега е сведено само на металуршката, машинската индустрија, производство на топлотна и електрична енергија. Последниве години се вложува во прехранбената, се произведуваат слатки, месо, а се живее и од рибната индустрија. Отворени се и неколку шивачки погони. Kомпании од Перник соработуваат со многу звучни имиња од македонскиот бизнис.
- Речиси сите што завршуваат со образованието, си се вработуваат во Софија, а помал процент што остануваат тука, работат во индустрискиот сектор, во образовниот систем, или во културните центри и институции, ни објаснија од општината.
ÂÂ