Од 1.371 контролирана аптека во 2012 година, инспекторите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) кај 343 од нив, или 25%, утврдиле аномалии во работењето. Само аптеките во Берово и Кратово работеле исправно и за нив инспекторите немаат забелешки и казни, додека во Виница од 15 аптеки само кај една била констатирана неправилност.
Речиси 17% од 343 биле санкционирани заради проблеми со документацијата за самата аптека или за фармацевтскиот кадар, но сепак најголем број од контролираните аптеки, 223 или 39% немале на располагање еден или повеќе лекови од ГЛБД-образецот, односно 25 лекови кои се даваат на осигурениците без доплата. Аптеките согласно договорот со ФЗОМ се обврзани да ги имаат овие лекови во секое време.
Дел од забелешките на инспекцијата е дека не се почитувало решението за вршење дејност издадено од Министерството за здравство каде е наведено дека аптеката има дозвола за вршење на промет на мало за лекови од групата на наркотика, а таа не обезбедува вакви лекови за осигурениците на товар на Фондот. Бројката на овие аптеки достигнала 61, а во 10 аптеки не бил истакнат на видно место ниту списокот на лекови без доплата. Во 80 аптеки инспекторите утврдиле дека има несовпаѓање на количината на одредени лекови на лице место во аптеката, со компјутерската евиденција. Имало и неправилности во внесувањето и обработката на рецептите во компјутерската програма во 14 аптеки. Во 7 аптеки немало интернет, а во 10 немало бар-код читач или пак истиот не се употребувал.
Од Фондот информираат дека предвидени се казни како мерка опомена до мерка еднострано раскинување на договор, но висината на санкцијата ја определува Комисијата за оценување на услови за изрекување на договорна казна при ФЗОМ.
Скопје, Тетово и Куманово се градовите каде инспекторите утврдиле најмногу недостатоци и процентот достигнал до 14% од вкупниот број на неправилности утврдени на територија на РМ.Од 5% до 8% од вкупниот број на неправилности констатирани се во аптеките во Битола, Охрид, Прилеп и Струмица, а од 3% до 4% во аптеки од Велес, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Струга и Штип.
Најмал број на неправилности до 2% имало во аптеките во Македонски Брод, Валандово, Гевгелија, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Крива Паланка, Крушево, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен и Свети Николе.
Од Фондот појаснуваат дека има и неправилности за кои се изрекува мерка опомена и кои аптеката доколку не ги отстрани во рок од 8 дена подлежат на казна. Овие мерки се однесуваат доколку немаат одлука за висина на партиципација или рецептите од претходниот ден не се компјутерски обработени, или пак осигурениците не се информирале за можноста да добијат лек без доплата, како и неисправни или неважечки сини картони, неправилности во начинот на издавање на лекот, неправилности во пресметувањето на партиципацијата или доплата.
извор www.vecer.com.mk (В.Ма)