gogo

A+ R A-


Се „крчка“ психолошки тест за идните наставници, секој нема да може да биде учител

alt
 

ОД ГОДИНАВА ПСИХОЛОШКИ ТЕСТОВИ ЗА ИДНИТЕ НАСТАВНИЦИ?

Секој професор по одделенска настава или професор што сака да се вработи во училиште од оваа година мора да полага психолошки тест или тест на личноста. Без да се положи тестот, приправникот не може да полага приправнички испит, односно не може да се вработи во образование.

Оваа новина се најавува веќе подолг период. Се одложуваше бидејќи одговорните во Министерството за образование и наука не можеа да најдат лица што требаше да ги состават овие тестови. Во неколку училишта некои приправници веќе полагаа тест на личноста, но засега директорите на училиштата што ги контактиравме не сакаат да дадат повеќе информации за тестирањето и резултатите.

Во согласност со законите за основното и за средното образование, психолошкото тестирање е задолжително, информираат во Министерството.
- Целта е да се направи процена на карактеристиките на приправникот за подобност за работа со деца и адолесценти во воспитно-образовната дејност во основните и во средните училишта. Тестовите содржат прашања за ситуации од секојдневниот личен и професионален живот. Психолошкиот тест е услов за полагање на приправничкиот испит - информираат во Министерството.

По пат на јавна набавка на услуги е избрана компанијата „Виста“ од Скопје да ги изработува и спроведува овие тестови. Во Министерството информираат дека оваа фирма прави стандардизација на меѓународно признати психолошки тестови и процена на карактеристиките за подобност со работа со деца и адолесценти во воспитно-образовната дејност, а тие тестови се приспособени за користење и реализација во Македонија.
Тестови да полагаат и веќе вработените

Психолозите сметаат дека еден ваков тест нема да гарантира дека во иднина нема да се случуваат конфликти и затоа бараат континуирано да се работи со наставниците, а не да се вршат проверки само при вработувањето.

- Тие луѓе се вработуваат, но ако нема континуирана работа со нив, не можеме да бидеме сигурни дека нашите деца ги оставаме со часови на училиште со здрава личност. И тие наставници што работат и по 15 години не треба да се изземени од тестирања. Како што се проверува дали војниците и полицајците се способни за работа со оружје, така треба да се проверува и способноста на наставниците - смета психологот Милка Ололовска.
Потребата од полагање психолошки тестови се наметна по низата непријатни настани и инциденти што се случуваа во училиштата. Имено, во неколку наврати се случуваше професори да им удираат шлаканици на ученици. Потоа имаше случај кога професор од една гимназија преку социјалните мрежи на Интернет ги повикуваше учениците да го продолжат школувањето со него, ама на небото. Не се непознаница ниту случаите кога професори сексуално малтретираат ученици. По овие немили настани, државата реши да воведе тестови на личноста, за да се види кој сѐ во иднина ќе држи креда в рака.
Според познавачите, оваа практика треба да се воведе и за вработените наставници, а не само за нововработените. Потребата за вакво нешто произлегува од фактот дека, според нив, психолошката состојба на човекот не е иста на 30-годишна возраст, со онаа на 40 или 50 години.

извор - www.novamakedonija.com.mk

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.