Градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски денеска оствари работна средба со Билјана Џартова-Петровска, службеник за економска и трговска соработка од Амбасадата на Кралството Шведска во Република Македонија.
Џартова-Петровска истакна дека Шведска е присутна во Mакедoнија од 1999 година, а своја амбасада има од 2005, додавајќи дека иако билатералната соработка е згасната, сепак постојат можности за размена на искуства и соработка меѓу општините од двете држави, за што одличен пример е скопската општина Чаир.

Градоначалникот Алексовски нагалси дека Крива Паланка веќе има соработка со шведскиот град Упсала, односно територијалната противпожарна единица од Крива Паланка и Упсала.
-Упсала донираше две противпожарни возила за нашиот град, а во тек се преговорите за донација на уште едно, како и на градежна машина за потребите на нашата општина. Во однос на споменатата соработка која би можеле да ја оствариме со шведската амбасада, може да отпочнеме на полето на културата со кривопаланечкиот меѓународен конкурс за карикатура на тема „Снаа-свекрва“, рече Алексовски.
Џартова-Петровска потенцира дека Шведската амбасада може да помогне во олеснување и финасирање проекти од областа на екологијата, за што Алексовски го посочи проектот за одведување отпадни води и изградба на колекторкски систем и пречистителна станица на левиот и десниот брег на Крива Река, кој е во фаза на изработка.
Покрај денешната изложба со која отпочна соработката со Шведската амбасада и Крива Паланка на културен план, најавени беа уште и изложбите за таткото и за пристапност на лицата со посебни потреби.