Неделата по христијанскиот празник Тодорова сабота, во кривопаланечкото село Конопница шеста година по ред ја донесе возобновената народно-црковна манифестација „Невестинско поклонение“, своевиден бренд на Крива Паланка, која во дворот на православниот храм во селото Конопница, повторно собра стотици мештани, но и гости од републикава и од странство. На годинашната манифестација пред светецот Теодор Тирон се поклонија четири невести заедно со своите свекрви.
Иницијаторот за возобновување на невестинското поклонение, Стојанче Величковски изрази задоволство што локалната самоуправа го негува обичајот возобновен по цели три децении.
- Како дете сум присуствувал на масовните собири овде кога и по стотина невести од регионот и пошироко доаѓаа на поклонение пред Тирон, молејќи се за пород. Веќе шест години наназад младите невести од Кривопаланечко повторно го заживеаја обичајот, а заедно со локалните власти правиме напори манифестацијата да прерасне во меѓународна. Имавме најави за гостувања на невести од соседна Бугарија, но иако не дојдоа годинава, се надевам интернационалниот карактер ќе го оствариме веќе наредната година, рече Величковски.
Манифестација е во организација на општина Крива Паланка, Националната установа „Центар за култура“ и месната заедница на село Конопница, во соработка со Кривопаланечкото архиерејско намесништво на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија.
- Оваа значајна манифестација го заживеа некогашниот обичај невестите венчани помеѓу двете Тодорици да ги облечат своите венчални носии и со своите свекрви да се поклонат пред храмот на светецот. Ова е всушност дел од автентичното прославување на Тодорица, која е празник на селото Конопница, а светецот Теодор Тирон се верува дека е заштитник на младите и породот, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски. (О.А)