Одржувањето на патиштата и улиците во зимскиот период, Крива Паланка ќе го прави со помалку пари од претходните години.
Според новите услови, кои вклучуваат аукциско наддавање, избран е најповолен понудувач на услугата за разлика од претходните години.
Според програмата за зимско одржување на локалната патна инфраструктура годинава се предвидени 2.3 милиони денари, а од фирмите кои беа пријавени на аукцијата, најповолна понуда даде фирмата „Мијоли“, на која ќе и бидат исплатени средства во зависност од реализираните услуги за кои ќе се јави потреба.
Улиците и патиштата за време на зимските услови ќе се расчистува со 4 машини од страна на избраната фирма. Во рамки на подготовки за снежните наноси и врнежи општина Крива Паланка направи договор и со ЈП „Македонија Пат“ и претставници на МВР за поефикасно одржување и безбедност на локалните и на регионалните патишта.
Општината апелира и до граѓаните да ги расчистат јавните површини од складирани дрва и друг материјал за да можат непречено да се одвиваат активностите за зимското одржување.