Само во месец април, македонските граѓани изгубиле дури 4 милиони евра, како резултат на извлекувањето на орочените депозити од банките и преварањето на денарските во девизни депозити. Ова како податок може да се види на ФБ страницата на Народната Банка на Р.М.
„Над 217 мил. денари достигнуваат губитоците на економските субјекти врз основа на неостварени камати заради предвремено повлекување на орочените денарски заштеди во април 2016 година. Граѓаните ќе бележат и трошок врз основа на курсни разлики, кога повторно ќе ги претвораат купените девизи во денари, кој се проценува на околу 23 мил. денари“, пишува Народната Банка.
Богов: Речиси целосно запрено повлекувањето на депозитите
Гувернерот на НБРМ Димитар Богов, вчера истакна дека речиси целосно е запрено повлекувањето на депозитите од банките по шпекулациите во врска со политичката криза во Македонија.
Во интервју за Ројтерс, Богов посочи дека во текот на април се повлечени 1,8 отсто од депозитите во банките што е прв таков случај по повеќе години постојан раст на депозитите.
– Во изминатите две недели гледаме стабилизација на ситуацијата, а повлекувањето на депозитите речиси запре. Има показатели дека граѓаните ги враќаат депозитите во банките, поради што сметаме дека најлошото е завршено, истакнува Богов.
По зголемувањето на каматите на благајничките записи од 3,25 на 4 проценти, Богов истакна дека засега нема потреба од дополнително зголемување.
– Засега ситуацијата се стабилизира, потребните сигнали се пратени и веќе гледаме одговор од банките кои ги зголемуваат каматите на депозитите. Сметаме дека засега ќе нема потреба за дополнително зголемување, но остануваме будни и подготвени да употребиме мерки од монетарната политика ако се неопходни за да се зачува макроекономската стабилност, истакна Богов.
Гувернерот на НБРМ додаде дека е можно Централната банка да ги намали каматите ако политичката криза наскоро биде решена и веќе нема шпекулативни напади врз стабилноста на денарот.