Околу 300 жители на селата Станци, Дренак и Дурачка река се отсечени од Крива Паланка, откако големо свлечиште предизвика прекин на сообраќајот. Дел од патот буквално не постои, затрупан е со огромна количина земја и камења од свлечиштето, а надлежните бараат алтернативно решение со кое ќе се овозможи каква било комуникација на жителите на трите села со градот.
Увид на лице место изврши градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, екипи од стручните служби од општината и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување.Се бара итно решавање на проблемот и овозможување пристап на жителите од овој реон.
– Ние сме во процедура на решавање на помало свлечиште на овој патен правец, а ова што се случи, огромниот одрон е алармантно. Во текот на вчерашниот ден имаше помало свлекување кое се обидовме со градежна механизација да го расчистиме, но се утврди дека е ризично и може да биде опасно по животот на работниците доколку настане поголемо свлечиште. За среќа екипите се повлекоа, а одронот настанал доцна во ноќта и рано изутрина. Интервениравме до Министерството за транспорт и врски, присутни се екипи од ДЗС, а во текот на утрешниот ден се очекува да вршат проценка и увид експерти од Градежниот факултет од Скопје, вели градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.
Тој додаде дека првична реакција би било оспособување на каков било премин за сообраќајна комуникација во итни случаи и пристап на населението.
– Постои ризик да се урне речиси целата планина и да се свлече и патот кон месноста викана Метов и село Дренак. Ќе се изнајде т.н. „бај-пас“ решение со пристап до градот, потенцира Алексовски. Оливер Арсовски