Со свечено дефиле на ансамблите – учесници низ главната улица во Крива Паланка, вечерва ќе започне дванаесеттиот Меѓународен фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски“.
На годинашното издание на фестивал кој ќе трае три дена учествуваат фолклорни ансамбли од Турција, Србија, Словачка, Белгија, Бугарија, Северен Кипар, БиХ и Македонија.
– И годинава ја продолжуваме традицијата на организација на фестивалот кој овозможува на едно место да се видат разни култури, да се направи спој на традицијата и фолклорот на земјите од Балканот и пошироко и народите од разните етноси да се дружат во име на културната размена. Со деновите на одржување на фестивалот се навестува празничната атмосфера во општината која следува по фестивалот со празнувањата на двата големи празници, Успение на Пресвета Богородица и празникот на светецот-закрилник на градот Јоаким Осоговски, истакнаа организаторите на фестивалот.
Трите фестивалски вечери ќе се одржат на градскиот плоштад во Крива Паланка, а фестивалот трае до 27 август.
О.А.