
Комплетната изградба на Храмот Света Троица во село Петралица, е донација од ктиторите: семејство Каранфиловски и семејство Јакимовски, кои изградбата на Храмот, со свои средства, голема верба, љубов и посветеност, ја завршија за неполна година од денот на осветување на темелите 24 јуни 2014 година.
Со дозвола од Кумановско – Осоговскиот Митрополит г. Јосиф и месната заедница, Храмот е изграден на местото викано Кутлев крст, каде бил поставен крст уште пред првата светска војна. Ова место служело за годишни собири на месното население, кои за жал не се одржуваат речиси 10 години наназад. Храмот Света Троица, од страна на семејствата Каранфиловски и Јакимовски е изграден во чест на претците, а со цел ова место повторно да заживее, да биде знак на возобновување на верата и вербата меѓу луѓето, духот и сплотеноста, да служи на верниците, но и на минувачите кои тука ќе најдат мир и убавина.
Ктиторите на Храмот Света Троица во село Петралица со цел овој свет објект да биде вековен, се погрижија за користење на врвни материјали во градењето, а ѕвоното за камбанаријата е лиено во Италија и тежи 180 килограми.
За заживување на Манасторот се планира уште во тек на оваа година да се започне со изградба на конаци, каде верниците ќе може да најдат мир и духовна сплотеност.
Организаторите ги покануваат сите верници и сите заинтересирани да присуствуваат на чинот на осветувањето на Храмот Света Троица во село Петралица, на 31 мај. Тие најавуваат настап на хорот Света Злата Мегленска и културно уметничка програма.