Околу 200 пензионери од Кратово, Крива Паланка, Куманово и скопските општини Центар, Аеродром и Чаир, покажаа дека животот во седмата и осмата деценија може да биде интересен и полн со уживање. Шесте пензионерски здруженија денес со песни, ора, кавали и тапани се претставија пред кратовската публика, како дел од манифестацијата „Пензионерска ревија на четвртиот регион“. Околу два часа ечеше музика и се виеја ора по кратовските сокаци, а потоа секое друштво се претстави со музичка точка.
-Кога човек ќе замине во пензија, тогаш почнува животот. Тогаш пензионерот има своја слобода, има свое задоволство, сам си го прави распоредот на живеење. Ако и има фамилија, уште посреќен е – вели пензионерот Ангел од Аеродром.
Присутните пензионери ги поздрави градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски, и претседателот на Созујот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски. Тие им посакаа на пензионерите добро здравје и многу весели мигови во животот. На крајот беа поделени благодарници и признанија на сите учесници, а беа избрани и најдобрите кои ќе се претстават на државната пензионерска ревија.
Оливер Арсовски