Граѓаните на град Кратово на 25-ти Април 1944 год. за прв пат во историјата ја видоа слободата, иако за кратко, за само еден ден. Тој ден, го најави крајот на окупацијата, а и големата воено-политичка победа над окупаторот за ослободување на Македонија.
Со нападот на Кратово, непосредно пред отпочнувањето на офанзивата на окупаторот за уништување на НОВМ, военото и политичкото раководство на Македонија и слободната територија на козјачкиот простор, военото раководство на НОВМ на чело со командатот Михајло Апостолски ја покажа воената умешност, знаење и вештина како да се надмудри непријателот, поброен и технички поопремен.
Нападот на Кратово на 25-ти Април 1944 год. во раните утрински часови ги изненади граѓаните, го гледаат нападот и даваат подршка на борците, кои ја напаѓаат бугарската единица сместена во училиштето во центарот на градот, всушност тој напад на Кратово е почеток на воено-политичката победа над окупаторот во источниот дел на Македонија, интензивирање на борбата во Македонија, јакнење на моралот на граѓаните и вербата во конечната победа.
По повод 25-ти Април Првото ослободување на град Кратово во понеделник (25.04.2016 година) се одбележуваат 72 години на овој значаен историски настан, настан кој започнува во 10 и 30 часот со полагање на цвеќе на спомен бистата на Павел Шатев, Јове Гичев, Тошо Куковски и на спомен – костурницата во градот, потоа следи историски час и прогласување и читање на лични творби на учениците.