gogo

A+ R A-


„Ајдучката чаршија“ ќе се разубавува во септември

Кратово е еден од петте избрани градови со најзначајни градски јадра (Крушево, Скопје, Прилеп, Битола), каде фасадите на дуќаните од познатата „Ајдучка чаршија“ чекаат да бидат разубавени годинава со најавениот проект за обнова и конзервација на Министерството за култура. На крајот на април, Министерството го презентираше овој обемен проект за кој е планирано да бидат потрошени 11.234 000 денари. Обновата на фасадите во Кратово со 1 милион и 300 илјади денари, ќе ја врши Националниот конзерваторски центар.alt

Но, во овој град работите се' уште не се почнати на терен, а дел од сопствениците на објектите поведени од презентираната информација во јавноста, се' почесто се обраќаат до тамошното општинско одделение за урбанизам со барања за објаснување дали можат самите да си интервенираат на фасадите.

„Постои интерес за обновување на посочените објекти, но ние ги одвраќаме луѓето велејќи им да почекаат бидејќи ќе се спроведува најавениот проект но, тој сепак доцни“, вели архитектот Славица Коцевска од одделението за урбанизам при Општина Кратово. Според раководителот на проектот, програмскиот директор Зоран Георгиев од Националниот конзерваторски центар, обновата на фасадите во овој град најверојатно ќе започне во септември, откако претходно ќе се изготви планираната проектна документација, врз основа на која треба да биде добиено конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, па да биде распишан тендер. На проектната документација започнало да се работи дури минатата недела.

Споменичката целина „Ајдучка чаршија“ во Кратово ја сочинува блок од 5 групирани дуќани во аголот од улиците „Питу Гули“ и „Партизанска“, а обновата и конзервација на нивните фасади се реализира во насока на исполнување на програмата на Владата како еден од приоритетите во делот на заштитата на културното наследство, за зачувување на автентичноста на споменатите споменици и споменични целини од богатото архитектонско наследство во Македонија.

Георгиев потенцира дека во декември минатата година бил подготвен и акционен план со кој се опфатени голем број на објекти, а само во Кратово има 37 меѓу кои е и „Ајдучка чаршија“ која содржи поголем број дуќани, но и други објекти кои се наоѓаат и од двете страни на Табачка Река.

Според него можеби ќе биде потребно делумно да се интервенира во некои делови од објектите заради можна руинираност, но дека нема да се интервенира во нивната внатрешност, туку само на фасадите. На дел од нив ќе треба да се изврши маркирање или да се отстранат додадените инсталации, клима-уредите, олуците за одвод на атмосферска вода кои го им го измениле автентичниот лик за што ќе треба да се најдат и соодветни технички решенија.

(текстот е извадок од една поголема статија во „Утрински весник“ од новинарката Катерина Богоева)

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.