https://www.youtube.com/watch?v=zv8Wp5R7xxM
Археолошкиот локалитет „Големо Градиште“ во кратовското село Коњух за американскиот археолог Каролин Снајвели значи пасија долга 15 години.
Далечната 1998 година реномираната професорка од Гетисбург колеџот во Пенсилванија се вљубила во овој антички град кој датира од некаде 5-тиот или 6-тиот век. Благодарение на неа, „Големо Градиште“ стана познато и на светската јавност.
-Секоја втора година имаме состанок на нашето Археолошко друштво во Америка. Таму презентирам што сме откриле во претходните две години. Сега „Големо Градиште“ е познат локалитет не само во Македонија, туку и во Америка – истакна професорката Снајвели.
„Големо Градиште“ е градска населба од доцната антика која била втор административен центар во Римското царство, по локалитетот Скупи. Ова лето археолозите работеа на градското јадро.
-Летово работиме на централната базилика, или големата базилика за која мислиме дека е епископска базилика, и уште еден објект, досега најрепрезентативен од сите резиденцијални објекти што сме ги истражувале на ова плато. Тоа е северната резиденција, или доколку е ова епископска базилика, тоа би било епископска резиденција – вели Горан Санев, археолог од Музејот на Македонија.
Археолошкиот комплекс во кој спаѓа „Големо Градиште“, кружната црква Ротонда, Акрополата и Цоцев Камен, според Снајвели пружа огромна можност за развој на културниот туризам.
-Најголемиот проблем и за конзервацијата и за туризмот се патиштата, затоа што сега е многу тешко да се стигне до локалитетот – вели Снајвели.
Соработката меѓу Музејот на Македонија и Гетисбург колеџот ќе трае најмалку уште две-три години, а голема е веројатноста да продолжи и понатаму.
Оливер Арсовски