пишува - отец Блаже Крстевски
ДА ГО ФРЕСКОЖИВОПИСАМЕ ЕДИНСТВЕНИОТ ХРАМ НА БАЛКАНОТ ПОСВЕТЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЃОРЃИ КРАТОВСКИ ВО ПРЕСРЕТ НА ЈУБИЛЕЈОТ 500 ГОДИНИ ОД НЕГОВОТО МАЧЕНИШТВО(1515-2015)
До сите сограѓани на нашиот закрилник св.Ѓорѓи и до сите благочестиви христијани и христијанки. Црковното Настојателство одлучи во пресрет на јубилејот 500 години од маченичката смрт на светиот новомаченик Ѓорѓи Кратовски да се пристапи кон изработка на фрескоживописот на единствена Црква на Балканот посветена на овој наш светец. Камен темелник на храмот е поставен на 10 Август 1921г., ахрамот е завршен и осветен на 28 Август 1925г. во време на прота Никола Јовичевиќ. Димензии на црквата се: должина 8 м. ,широчина 6 м. и висина 5 м. Во 1915 г., требало да се одбележи 400 години од смртта на св.Ѓорѓи, но поради Првата светска војна и Балканските војни годишнината изостанала. Единствено само Кратово, родното место, скромно се одолжило на светецот. Во периодот 1976/8 г. во време на социјализмот беше граден мостот кој е во непосредна близина на црквата. Првобитниот план бил да се сруши црквата, но со голема заложба на Нашиот надлежен епархиски архиереј Полошко-Кумановски Кирил е направена корекција на планот, а исто така и целосно е санирана од оштетувањата што настанаа при изградбата на мостот и патот. Храмот требаше одамна да биде фрескоживописан, меѓутоа кровот протекуваше. Сега овој проблем е решен, но потребно е да се изврши дренажа околу црквата поради влага, како и поправање на испуканиот канал за атмосверската вода. За уметник на фрескоживописот Владиката Полошко -Кумановски Кирил даде благослов на уметникот од Кратово Стојанче Андонов -Дито. Бидејќи храмот не е во финансиска можност да ги покрие овие трошоци, се замолуваат сите благочестиви верници и фирми да помогнат да заблеска во целосен сјај оваа единствена црква на Балканот посветена на нашиот новомаченик Ѓорѓи Кратовски, нашиот закрилник во пресрет на јубилејот 500 години од неговата маченичка смрт за верата. Сите заинтересирани можат да се обратат кај свештенството или кај уметникот Стојанче Андонов-ДИТО.