Подемот и искушенијата на монаштвото во Македонија
Незадоволство од начинот на функционирање на монашкиот живот во државата било една од причините што сестра Макрина по 14 години ја соблекла монашката мантија. Вака црковни извори ја толкуваат одлуката на една од најпознатите монахињи во Македонија, која многу често се појавуваше во медиумите, а пишуваше и колумни во неколку дневни весници. Нејзините ставови многу често отстапуваа од црковните рамки, следејќи ги современите животни текови. Сестра Макрина меѓу монасите е позната и како една од најписмените и најречити сестри. Таа веќе една година живее во семејната куќа во Скопје, како што коментираат изворите, откако пред две години решила да го напушти беровскиот манастир „Свети Архангел Михаил“, во струмичката епархија, каде што беше игуменија, односно го раководела храмот. Ниту сестра Макрина ниту владиката Наум од струмичката епархија вчера не беа достапни официјално да ја потврдат одлуката на монахињата. Владиката Тимотеј, воедно и портпарол на МПЦ-ОА, не сакаше да го коментира случајот, со образложение дека тоа не е работа на Синодот на МПЦ, туку на струмичката епархија. И покрај тоа што се работи за лична одлука на сестра Макрина, сепак соблекувањето на монашката мантија предизвика реакции во јавноста, зашто замонашувањето се смета за чин што се донесува за до крајот на животот. Инаку, ова не е прв случај каде што монах ја соблекува мантијата. Таков беше и случајот со двајца монаси што преминаа во црквата на Јован Вранишковски. Сепак, изворите истакнуваат дека сестра Макрина не се повлекла целосно од црковниот живот, туку одлучила да го практикува белото монаштво, што значи дека таа сѐ уште е заветена на Бога и на црквата, но не живее во манастир и не носи монашка мантија. Инаку, познавачите на православието велат дека белото монаштво не постои во Македонија, зашто тука слободно може да се практикуваат верскиот и монашкиот живот. Таквиот тип монаштво се применувал во Русија за време на комунизмот, кога биле убивани и прогонувани монасите, па затоа морале да се кријат зад нивниот физички световен изглед. Затоа белите монаси не носеле мантии и не живееле во манастирите. Инаку, се смета дека во Македонија има речиси 200 монаси што живеат во братства и сестринства. Еден монах на 10 илјади Македонци Монаштвото е крвотокот на црквата, односно еден од нејзините најважни темели. Вака отецот Бобан Митевски од кабинетот на архиепископот г.г. Стефан го објаснува значењето на монаштвото за црквата. Вели дека тоа е долготраен процес, кој бара особена духовна подготовка и создавање услови. Тоа не се создава преку слободната волја на личноста, не е производствен процес. - За разлика од другите православни земји, каде што има континуитет во развојот на монаштвото, во Македонија немало такви услови, па затоа тоа активно се развива во 90-тите години на минатиот век. По Втората светска војна, сите српски монаси си заминале и манастирите останале пусти - додава отецот Митевски. Во последната декада од 20 век, односно по падот на комунистичкиот режим и целосното осамостојување на државата, забележан е голем подем и развој на духовно-просветниот живот во Македонската православна црква-ОА. Обновата на црквата во Македонија почна од младите, кои со приклучувањето во активниот живот на црквата донеле нов квалитет во христијанското подвижништво. Најголемиот дел македонски православни монаси се млади луѓе. Нивната одлука за заминување во манастир придонела многу македонски манастири не само да заживеат туку и да се избават од руинираноста, а со нивното сведочење на воскреснатиот Христос и многу македонски души да најдат утеха и смисла во нивните животи. Манастирот на „Воведение на Пресвета Богородица-Елеуса“ во селото Белјуса, Струмичко, стана духовен расадник на монаштвото во Македонија. Спонтано, во духот на илјадагодишната традиција, прво било возобновено машкото монаштво во него, за една година подоцна да продолжи да живее како женски општежителен манастир. Тогаш, во 1996 година, беше возобновен прво Водочкиот манастир на свети Леонтиј како машки манастир. Потоа, по 1998-та досега, уште повеќе од дваесет машки и женски манастири низ државата. Денес, неофицијалната статистика вели дека приближно еден од 10 илјади Македонци е монах. Монашки братства и сестринства Манастирот е уточиште на овоземниот свет во кој монасите се посветуваат на молитва и подвиг во потрага за сопственото спасение и спасението на оние за кои се молат. Во нив животот на монасите може да биде организиран како општожитијно, заедништво на сите жители, односно монасите се соединуваат во братства и сестринства, и индивидуално, каде што монасите имаат своја сопственост и се грижат сами за себе. Во Македонија е застапено општожитијното монаштво. Секој манастир има старешина-игумен, кој им дава послушанија на монасите. Секој од нив има свое задолжение, односно извршува определени обврски во манастирот, што значи дека некои монаси се задолжени да работат во кујната, други во градината, а трети за време на литургиите. Така се овозможува подобро организирање на духовниот живот во манастирот.
Струмица и Дебар имаат најмногу монаси
Според процените на МПЦ-ОА, најмногу монаси има во струмичката и во дебарско-кичевската епархија. Манастирите во Водача и во Велјуса се полни, а постојано се јавуваат нови искушеници. Во Бигорскиот манастир има над дваесет монаси, а во манастирот во Рајчица живеат 12 монахињи. Најмалку монаси има во сега поделената епархија на починатиот владика Кирил, полошко-кумановската. Во Лешочкиот манастир живее само еден монах. Познато е дека монасите се занимаваат со производство на прехранбени продукти, како мед и слатко, некои произведуваат и ракија, а има и такви што се посветени на уметноста, па прават мозаици и изработуваат фрески и икони.
|
|