gogo

A+ R A-


Денес е Бадник, утре е Божиќ!

http://www.sitel.com.mk/sites/default/files/article/teaser-images/2016/january/badnik-30895.jpgУтрово сите домаќинки со радост ги дочекаа малите коледарчиња кои ги разбудија со песна. Ги пречекаа, ги даруваа и ги исратија понатака да ја шират среќната вест за раѓањето Христово.

Македонската православна црква, божикните празнувања ги спроведува водејќи се по јулијанскиот календар, според кој Бадник секоја година се слави на 6 јануари, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање.

Поговорката: „Пред Божик зад Божик, кај и да си, дома да си“, со годинешнава актуелна божикна снежна прогноза си го добива своето полно значење. Всушност, оваа поговорка има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот. Второто значење е сосема практично – да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

Според македонските обичаи, славењето на божикните празници започнува на 5 јануари. Вечерта спроти Бадник, првите коледари го палат коледарскиот оган и притоа се пеат песни, се игра и се пие греана ракија. На тој начин се „бркаат“ злите духови од земјата. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес, како и во минатото, во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокнуваат.

Навистина, овој обичај не и се допаѓа на официјалната црква, затоа што е поврзан со паганискиот период, но во последниве две децении доживува се’ поголема популарност дури и во урбаните средини. Следното утро, на големиот христијански празник Бадник, малите деца одат по домовите во соседството, чукаат на вратите и пеат коледарски песни. Според традицијата, домаќините за тоа ги наградуваат со колачи, костени, ореви, јаболка и ситни пари.

Бадник или Коледе, според христијанската традиција, се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос. Македонската православна црква, божикните празнувања ги спроведува водејќи се по јулијанскиот календар, според кој Бадник секоја година се дочекува на 6 јануари, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и божикните пости.

Етимологијата на зборот Бадник некои ја поврзуваат со глаголот „да бидеш буден“. Таа ноќ сите во домот не заспиваат, туку ноќта ја минуваат будни. Затоа се верува дека зборот „бадник“ всушност потекнува од „будник“. Постои и друго објаснување за потеклото на именувањето на празникот со Бадник, кое се поврзува со бадниковите гранчиња што се носат во домот на овој ден, а всушност се гранчиња од даб, па од „дабник“, со пермутирање на слоговите се добило „бадник“.

Но според сите толкувања на обичаите, Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството.

Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје … и се’ што асоцира на богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ.

На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става паричка. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. И за овој обичај постојат варијации во спроведувањето во различни краишта на Македонија. Некаде, најмногу во западна Македонија, овој обичај со паричка во лепчето се прави за Василица.

Истражувачите сметаат дека во претхристијанскиот период, овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обновување на животот. Подоцна, христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците заради Сонцето, туку заради оној што го создал Сонцето“.

На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. Со овој чин завршуваат божикните пости и верниците што постеле веќе можат да се омрсат на божикниот ручек.

Најпозната коледарска песна

Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледеее

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.